еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Православните верници го слават Богојавление-Водици

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води.

Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Манифестацијата ќе се одржи на мостот „Слобода“, кај хотел „Холидеј ин“.

Одбележувањето почнува во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во која ќе учествува и архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан. Литургијата ќе заврши околу 11 часот, а потоа ќе следи голем освет на водите во припратата на црквата.

Околу 11:15-11:20 часот, архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“. Таму веднаш ќе почне церемонијата „Водици“, каде архиепископот ќе го положи крстот во реката Вардар, околу 12 часот.

Од Скопската православна епархија при МПЦ-ОА апелираат верниците да бидат присутни во храмовите, да учествуваат активно во божествената литургија со тоа што ќе се причестат. Сите верници, пак, кои ќе се обидат да го фатат крстот тоа да го прават од верски побуди, достоинствено, со почит и со страв божји.

Богојавление-Водици се одбележува и во другите епархии на МПЦ-ОА, како и во помесните православни цркви низ светот кои се водат според Јулијанскиот календар.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Клиника Жан Митрев нуди имот за одблокирање на сметките

Редакција

Нов сој на Ковид-19, најзаразен досега, молскавично се шири низ светот

Редакција

(Фото) Врв на луксузот во Ramstor Mall: Oтворена 52 Концепт – продавницата што ја редефинира високата мода

Редакција