еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Православните верници го слават Велигден: Христос воскресе – Вистина воскресе!

Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Годинава на велигденските богослужби можат да присуствуваат верници во храмовите, за разлика од лани кога имаше полициски час поради пандемијата на Ковид-19.

Македонската православна црква – Охридска Ариепископија (МПЦ-ОА) повеќепати апелира до луѓето кои ќе ги посетуваат храмовите да ги почитуваат превентивните здравствени мерки.

Воскресението Христово е празник што ги спојува верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Величетврток уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание.

Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение.

Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во воскресението. Оваа практика и до ден-денес е запазена во Светото послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат сè до Христовото вознесение, Спасовде

Според Светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.

Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието.

Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите Христос воскресе.

Потоа му раскажала за сè што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето.

Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос воскресе – вистина воскресе!

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е Томе Блажевски, претседателот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, кој се отвори во Охрид

Редакција

Зошто Договорот со Бугарија не е потенциран во одлуката за санкции на американскиот претседател Бајден

Редакција

Повеќе години работиме успешно на македонскиот пазар, велат од Пан Интертрејд, која заедно со ЕДС учествуваше на повикот за универзален снабдувач на струја

Редакција