еМагазин
Image default
Бизнис

Пред отказ илјадници работници во текстилните компании

Над 6.000 текстилни работници во земјава минатата недела се испратени дома, на колективен одмор, кој ќе им трае две недели. Бизнис секторот оваа одлука, која силно одекна во текстилните градови Штип, Прилеп и Кочани ја образложија, со тоа дека немаат ниту нови нарачки од странските партнери, ниту пак државна помош во исплата на плати, која е заглавена со Собранието.

Претставникот на штипските текстилни конфекции во Кластерот за текстил, Кирил Нашков вели дека оваа е преодна фаза и се во исчекување, што ќе се случи деновиве.

„Се надеваме дека вработените ќе ги вратиме назад на работа. Секако ако остане ваква црна сликата, моја претпоставка е дека дел од вработените воопшто нема да бидат повикани назад на работа.

Но, каква ќе биде иднината понатаму ќе мора да почекаме, се надеваме дека вработените ќе ги вратиме назад на работа. Ако остане ваква црна сликата, моја претпостапка е дека дел од вработените воопшто и нема да бидат повикани да се вратат на работа“, вели Нашков за МИА.

Над половина од штипските текстилни работници се на колективен одмор. Машините во погонети стивнаа, а автобусите со работниците изминатите шест дена  во раните утрински часови и попладне не го прават сообраќајниот метеж низ штипските улици.

Околу 7.000 работници работат во штипските конфекции, а според проценките на Нашков на принуден колективен одмор се околу 3.500 работници,  вработени во околу 70 конфекции.

ПОТРЕБНА Е ДРЖАВНА ПОМОШ ЗА СПАС НА РАБОТНИТЕ МЕСТА

Посочува дека државната помош од петтиот пакет на мерки не е за спас на фирмите, туку е за спас на работните места во реалниот сектор, кој се соочува со низа на проблеми и неизвесност, поради пандемијата и мерките во земјите од ЕУ, од каде што им пристиугнуваат и нарачките за работа.

„Цело време ние инсистираме да се зборува за спасување на работните места, луѓето тоа малку го разобличуваат и говорат за спасување на фирмите. Напротив се работи за спасување на работните места.

Ако добиеме помош од Владата, веројатно многу работни места ќе бидат зачувани. Затоа што компаниите ќе бидат во состојба да го сочуваат, спасат работните места, меѓутоа ако нема помош издатоците се премногу големи, за да фирмите ги издржат“, вели Нашков.

Забележува дека во Штип има помали текстилни фабрики, кои веќе ставија клуч на врата, а работниците се веќе на списокот на невработени.

„Кај поголемите фирми имаме отпуштања кај дел од вработените, тие веќе го намалија бројот на вработени. Фирми коишто целосно затвараат се  главно помалите, кои имаат вработено до 50 луѓе“, вели Нашков.

Посочува дека на еден менаџер на текстилна компанија најтешко му е да донесе одлука, за  да си замине на  вработен кој над 20 години работи во неговата фирма.

Штипскиот бизнис сектор апелира веднаш да се донесат мерките, бидејќи од понеделник почнуваат последните седум дена од принудниот колективен одмор за работниците, по што мора да ги донесат конечните одлуки.

РАБОТНИЦИТЕ БЕЗ ПЛАТА И БЕЗ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека уште пред две недели алармирале дека ова ќе се случи, поради политички калкулации, а најголемиот удар ќе биде врз работниците од текстилниот сектор.

Апелира пратениците веднаш да го донесат петтиот пакет на мерки, оти сиромаштијата им чука на врата на работниците. Голем број од штипските конфекции ја немаат исплатено февруарската плата, а работниците останаа и без здравствено осигурување во време на пандемија.

„Она што го алармиравме минатиот период благодарение на вас медиумите, еве се случува работниците се пуштени на колективен одмор, поради недонесување на петтиот сет на мерки.

Текстилните комапнии во Штип и источниот регион немаат веќе работа, ги завршија последните налози. Изминатиот викенд имавме јавувања за трансформации на договорите за вработување од неопределено на определено, бидејќи работодавачите немаат сигурност за тоа дали ќе имаат работа, нарачки наредниот месец.

Затоа требаше да бидат донесени мерки, за да не се случува ова и вработените да имаа некоја сигурност. За жал политичките калкулации во Собранието си продолжуваат и тоа сето е на штета на работниците“, вели Ампева за МИА.

Проценките се дека  веќе кон половината на годината ќе се знае дали текстилниот сектор ќе опстане. Нашков посочува дека сопствениците се надеваат дека во јуни ќе имаат нарачки и ќе се знае реално состојбата во текстилниот сектор.

Во моментов конфекциите немаат нарачки за шиење на модна облека, се шијат само униформи, а само мал дел облека за медицинскиот персонал.

ЌЕ ИМА ВЕРИЖНИ ОТПУШТАЊА И ВО ДРУГИ ДЕЈНОСТИ

Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип се согласува дека проблемите во текстилниот сектор се резултат на светската криза, која е предизвикана од пандемијата и намалување на нарачките од странските партнери.

„Во таа насока единствено нешто што може да се направи во овој момент е да се амортизираат, тие штетни ефекти е да се помогне на текстилните компании, особено на работниците и државата во таа насока апелирам да размисли и ја продолжи мерката за субвенционирање на плати во приватниот сектор, особено во најпогодените сектори, а особено во вториот квартал од 2021 година.

Со тоа што ќе ја продолжи таа мерка и за месеците април и мај. Ние знаеме дека сега во петтиот пакет единствено се вклучени февруари и март“, вели Лазаров за МИА.

Забележува дека кога се одлучувало за мерките, во тие моменти, проекциите биле дека кризата ќе престане или нема да биде во толкав интензитет, во вториот и третиот квартал од 2021 година.

Прашан како оваа состојба ќе се рефлектира врз локалната економија, со потенцијален број на невработени, Лазаров со одговор дека тоа ќе се мултиплицира.

„Практично треба да знаеме дека вработените во индустријата, во преработувачката индустрија, а особено во текстилната, индустријата за облека во Штип, како доминатни сектори, коишто се во рамките на преработувачката индустрија имаат силни поврзани ефекти и врски со останатите услужни дејности.

Некои анализи покажуваат дека, тие се еден спрема два. Што значи едно загубено работно место во текстилната индустрија, голема е веројатноста да повлече дополнителни две работни места во услужниот сектор“, вели Лазаров.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Инвеститорски ден на Берзата: Склучени 207 трансакции и остварен промет од 595 илјади евра во БЕСТ системот 

Редакција

МЕПСО склучи договор со ЕСМ Продажба вреден над 1 милион евра

Редакција

Мнозинскиот сопственик Ристо Милев со понуда за преземање на 28.438 акции на ГД Тиквеш

Редакција