еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Премиерот подготвен за средба со приватните превозници, ама откако ќе ги деблокираат улиците во Скопје

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе го прифати барањето на приватните автобуски превозници од Скопје за средба, но откако ќе се создадат услови за дијалог и откако тие ги отстранат блокадите од улиците на главниот град.

„Можам да кажам: „да“, јас сум човек којшто ќе се сретне со сите со коишто треба, меѓутоа не под притисок и не под уцена. Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје, чија што сопственост се тие улици, за да може градот да функционира.

Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Градот Скопје. Зашто? Бидејќи мора да се види со нив, затоа што Владата нема надлежност во делот на јавниот превоз во Градот Скопје.

И трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат во предвид,“ истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој додаде дека кога ќе се исполнат условите за дијалог без притисок, базиран на факти и со вклученост на сите коишто се надлежни да го решат проблемот, тогаш може и да има средба со приватните автобуски превозници.

Премиерот потенцира дека е против одземање на ингеренциите на Град Скопје, бидејќи тоа би значело враќање на процесот на децентрализација.

Приватните автобуски превозници, кои протестираат со блокада на булеварот „Илинден“ во Скопје, откако не добија одговор на барањето за средба со скопската градоначалничка Данела Арсовска, вчера побараа да бидат примени од премиерот Димитар Ковачевски.

Претставникот на здружението на приватните превозници „Слобода превоз“, Ќемал Муриќ вчера изјави дека се надеваат дека ќе бидат примени на разговор од премиерот Ковачевски, на којшто би станало збор за актуелната состојба со градскиот јавен превоз. Доколку не се оствари средбата, според него, можно е да се радикализираат протестите.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.

Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година со околу 200 автобуси поставија блокади на неколку главни точки во Скопје, односно на крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст и останаа да протестираат само на бул. „Илинден“ во околината на Град Скопје.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 141 случаи на Ковид-19, оздравени 84, починато едно лице

Редакција

Украина го одби ултиматумот на Русија за предавање на Мариупол

Редакција

Очекуваме функционален парламент и политичка влада во Софија за добивање на зелено светло, изјави Заев

Редакција