еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

„Проект Среќа“ и Општина Центар отвораат бесплатно детско драмско студио за деца во социјален ризик

Здружението за хумано-општествен развој „Проект Среќа“ со поддршка на Општина Центар го најавува „Неверленд“, првиот од низата проекти кои годинава заеднички ќе ги реализираат здружението и општината.

„Неверленд“ е детско драмско студио, бесплатно училиште за драма и актерство, наменето за децата кои спаѓаат во категоријата „социјален ризик“. Со овој проект, сите деца кои ја сакаат театарската уметност и имаат актерски талент, но немаат финансиска можност, ќе можат да ја реализираат својата желба.

„Благодарение на успешната соработка со Општина Центар и поддршката која ја добиваме од нив за конкретниот проект, училиштето за драма за децата во социјален ризик кои се регистрирани членови на здружението „Проект Среќа“ е комлетно бесплатно. Ние како здружение сме благодарни на општината и градоначалникот Саша Богдановиќ кои секогаш кога се работи за проекти кои се од суштинско значење за квалитетот на животот на децата со помалку можности, покажуваат сензибилитет и желба да помогнат“, изјави Кристина Арнаудова, претседател и основач на здружението за хумано-општествен развој „Проект Среќа“.

Општина Центар веќе трета година е партнер во реализација на филантропските и хуманитарни проекти на Здружението за хумано-општествен развој „Проект Среќа“ .

„Денеска светот го одбележува Интернационалниот ден на нулта дискриминација. На овој ден кога се слави индивидуалноста, инклузијата и човековите права, ние почнуваме проект кој има за цел еднакви можности и еднаков пристап на сите деца до центрите кои можат да им обезбедат едукација, правилен раст и развој. Јас како градоначалник и Општината Центар и во иднина ќе се залагаме и ќе поддржуваме проекти кои промовираат социјална инклузија и еднакви можности за сите“, изјави Богдановиќ.

Часовите и аудициите за прием на нови членови ќе се одржуваат два пати неделно, во просториите на канцеларијата за млади на Општина Центар, секој вторник и четврток од 18:00 до 19:30 часот, во истоимената канцеларија.

Пријавувањето за аудиција и упис е со порака на FB страницата на здружението „Проект Среќа“.

Часовите ќе ги води Благица Ристов, дипломирана актерка која има големо работно искуство во детски драмски студија, но и со деца од категоријата за која е наменет „Неверленд“.

„Неверленд е проект на кој јас гледам со многу ентузијазам и мотивација. Им благодарам на „Проект Среќа“ и Општина Центар на укажаната доверба јас да го водам овој проект. Верувам дека нашето студио ќе биде место каде голем број деца ќе ги остварат своите соништа. Нашите планови се да работиме и на самостојни претстави и се надеваме на што побројна публика„, изјави Благица Ристов.

Здружението за хумано-општествен развој „Проект Среќа“ регистрира деца од сите видови на социјален ризик и тоа: деца од еднородителски семејства, деца без родители, деца од повеќе детни семејства , деца од семејства со минимални или без примања, деца на зависници, деца со пречки во развојот, жртви на насилство и др.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

НЛБ Групацијата ги објави победниците на регионалниот проект „Рамка за помош“

Редакција

Балкан Прајм Турс заблеска на IFTM Top Resa, прикажувајќи ја убавината на Македонија

Редакција

ТАВ го промовира охридскиот аеродром во Албанија

Редакција