еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски за зголемување на ковид-бројките: Високата стапка на прележаност и вакцинираност, не би требало да дозволат големо избувнување, барем не до есента

Зголемувањето на дневните бројки на новодијагностицирани минатиот вторник го толкувавме како зголемување после малиот број тестирања поради продолжениот викенд за Велигден. Меѓутоа, споредувајќи викенд со викенд (обата продолжени), сега случајноста можеме да ја исклучиме – се работи за зголемена преносливост поради Велигденските прослави, вели во најновата ковид-анализа проф. Дејан Трајковски.

„Допрва ни претстои зголемување и поради првомајските собири и бајрамските прослави, но тоа ќе го видиме после неколку дена.

Не сме единствени, на Балканот слично зголемување забележуваме во Грција, Хрватска Црна Гора, а по малку и во Бугарија и Романија. Поради католичкиот Велигден, којшто дојде порано отколку православниот, растот на бројките таму исто така дојде порано, но веќе се забележува мини врвот и веројатно наскоро ќе започне намалувањето, освен во Грција.

На првиот дијаграм забележуваме дека ефективниот репродукциски број Rt (со седумдневно усреднување) веќе е прилично искачен над единица, но доколку не се работи за нов сој на вирусот или пад на стекнатиот имунитет, туку исклучиво за празнично зголемување на преносливоста и укинување на мерките, тоа би требало да се реши само од себе за околу две недели.

Инаку, до сега брановите приближно се повторуваа со периода од околу 4-5 месеци, па доколку се работи за колективен пад на колективниот имунитет (поради изминато доволно време од инфекцијата) можеби ќе видиме извесен раст, но ова сценарио изгледа малку веројатно, во споредба со празничната теорија.

Седумдневната подвижна средина на дневниот број на нови случаи (зелената линија на вториот дијаграм) не расте драматично, иако прогнозата покажува нагоре, иако не многу стрмо.


Растот е најочигледен на третиот дијаграм, фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи). V-образната форма има типичен изглед како за почеток на нов бран, но во овој случај можеби залажува намалениот број на тестирања за Велигден, поради што треба малку да почекаме за потврда.

Поради празниците слабо се затвораа и отворените случаи, што исто така дава лажна слика за зголемениот број на активни случаи.

Стапката на позитивни тестови (црвената линија на четвртиот дијаграм) кажува дека сепак има вистинско зголемување на преносливоста, независно од намалениот број на тестирања.

Засега ништо драматично, барем со досегашниот доминантен сој (потсојот BA2 на омикрон сојот).

Премногу е рано за доаѓање на новите потсоеви BA4 и BA5, но доколку тие пристигнат во Европа, најпрво ќе ги забележиме во поголемите европски земји.

Во секој случај, доаѓањето на летото, како и високата стапка на прележаност и вакцинираност не би требало да дозволат некакво големо избувнување – барем не до почетокот на есента.

Единствен позитивен индикатор е намалувањето на бројот на смртни случаи.

Последните 3 дена немаше ниту еден смртен случај од ковид во целата земја, така што и седумдневната подвижна средина полека се приближува кон нула (на петтиот дијаграм).

Сé на сé, далеку сме од драматичните настани во претходните четири бранови.

Со толку малку смртни случаи, коишто се јавуваат речиси исклучиво кај лицата со коморбидитети, населението повеќе речиси не се плаши од корона вирусите,“ пишува Трајковски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Доктор Даниловски објаснува зошто омикрон ќе остане поопасен од грипот

Петличковски објаснува за постковид компликациите и за шансите за заразување со Ковид-19 во такси возило и маркет

Фото: Трајковски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Глоба до 5.000 евра за институциите кои ќе „подзаборават“ на законот за употреба на јазиците

Редакција

Каков имот пријавил Башким Бесими кој е избран за нов член на Советот на јавните обвинители

Редакција

Кризата со храна ја потенцира важноста на домашното производство: Што ги одвраќаа земјоделeците од нивите

Силвана Жежова