еМагазин
Image default
Забава

Промоција на најновиот албум „Синергија“ на Дуке Бојаџиев во Станица 26

Македонскиот музичар и композитор Дуке Бојаџиев, кој живее и работи во Њујорк повторно се враќа во Скопје, каде на 27 октомври во 23 часот ќе настапи во концертно издание за „Wine Expo“ на плоштад Македонија, а на 28 октомври, со почеток во 20 часот, во ноќниот клуб Станица 26 ќе се одржи промоција и јавно преслушување на неговиот најнов студиски албум со наслов „Синергија“ (Synergy).

Албумот содржи 10 музички нумери. Синергија пред само неколку денови официјално се појави на сите центри за дигитална дистрибуција како Spotify, Apple Music… Може веќе да се преслуша и на неговата веб страница, www.dukeb.com.

„Станува збор за модерна фузија на филмска и електронска музика, зачинета со елементи на фламенко, црковно пеење од 12. век во Германија и индиски изворни мотиви, кои создаваат терапевтска атмосфера. Инспирирано, напишано и испродуцирано во Њујорк, градот каде сите култури, истории и цивилизации се вкрстуваат, сето тоа видено низ една моја перспектива, како електро-акустична фузија на целото мое досегашно музичко и животно искуство.

Почетоците на некои нумери се зачнати уште пред повеќе од 10 години, но финалните аранжмани и продукција ги финализирав во изминативе 3 години. Сите 10 нумери се снимени, продуцирани и миксани во моето студио во Њујорк“, вели Бојаџиев.

Од вокали на албумот најприсутен гостин е Ишмаел Фернандез (Ismael Fernandez) на 6 нумери, интернационално етаблиран фламенко пеач од Андалузија, Шпанија, 4. генерација фламенко пејач од познатата фамилија Фернандез (“La Familia Fernández”), а ова му е прва соработка надвор од водите на традиционалната фламенко музика.

Даниела Тошиќ е пејачка со потекло од овие простори, која долги години живее и работи во Бостон. Специјализирана за пеење на црковна музика од 12 до 15. век, Даниела е една од ретките во светот, која до совршенство ја негува и изведува музиката на Хилдегард Вон Бинген (1098  – 1179 година), првата жена композитор запишана во аналите на историјата. Даниела е вокален гостин на 3 нумери.

На една нумера („A Moment of Happiness“) гостува индиската пејачка и актерка, Прија Даршини (Priya Darshini), која целиот живот го негува традиционалното индиско пеење, а после голема кариера во Индија се доселува во Њујорк, каде работи на интернационалната сцена.

На истата нумера таа е придружена од холивудскиот актер, легендарниот Иан Букенан (Ian Buchanan) со нарација на парче поезија од Руми. Неговиот глас беше многу присутен во албумското издание „Love is The Way” на Бојаџиев, од каде и почна нивната соработка.

Влезот за промоцијата е слободен.

Фото: Фејсбук/Бојаџиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Картите за Здравко Чолиќ во продажба за 300 денари од понеделник, 18. март

Редакција

Дојранскиот „Д-фест“ ќе се одржи на 22 август

Редакција

(ВИДЕО) Хит на социјалните мрежи: Вработени во УниБанка танцуваат на „Jerusalema“

Редакција