Познатиот бизнисмен Доне Таневски ја промовираше книгата „Монетоковањето во Античка Македонија“ на која работел повеќе од десет години.
Се работи за обемно дело од 517 страни во кое е претставен периодот од шести век пред наша ера се до римската доминација на територијата на Македонија.
Делото е специфично по тоа што е базирано на повеќе од 160 библиографски извори од еминентни автори од целиот свет, меѓу кои најголем дел за прв пат се користат во една научна книга во Македонија.
Според уредникот на книгата професор-доктор Наде Проева, авторот дава не само основни податоци, туку и преглед на најновите сознанија во нумизматичката наука, корисни дури и за професионални нумизматичари.
„Со едноставни зборови авторот успеал да прикаже доста тешка но и истовремено и мошне интересна материја и да и ја доближи на широката публика.
Следствено на тоа, книгата претставува вистински прирачник за македонското монетоковање, со што се пополнува еден голем недостиг од стручна литература во оваа област“, вели проф. Проева.
Со ставот на Проева се сложија и двајцата промотори на книгата магистер Милица Шелдарова и доктор Перо Јосифовски, кои како признаније на огромниот вложен труд, Таневски го ословија со свој колега.
Покрај обемната анализа на монетоковањето за дури 26 владетели на територијата на Македонија, во книгата може да се најдат и нумизматички и аукциски каталози на монети испечатени во висока резолуција како и тежински стандарди користени од македонските кралеви.