Просечната каматна стапка на вкупните кредити во мај оваа година изнесува 4,28 проценти и бележи месечен и годишен пад од 0,02 процентен поен и 0,28 процентен поен, соодветно, покажуваат податоците на Народната банка (НБ).
-Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,67 отсто, што претставува месечно и годишно намалување од 0,01 п.п. и 0,18 п.п., соодветно. Во мај, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити забележа минимален пад од 0,01 п.п. на месечна основа и изнесува 3,97 проценти, додека на годишно ниво се зголеми за 0,13 п.п.
Просечната каматна стапка на новопримените депозити оствари месечен и годишен раст од 0,11 п.п. и 0,09 п.п., соодветно и изнесува 0,76 отсто, се вели во соопштението од НБ.
Во однос на каматните стапки на корпоративниот сектор, просечната камата во мај изнесува 3,43 проценти и е пониска за 0,02 процентни поени, во споредба со претходниот месец.
Од НБ додаваат дека надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити со валутна клаузула (за 0,03 п.п. и 0,02 п.п., соодветно), додека каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула се непроменети.
Анализирано на годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор се намалила за 0,25 п.п.
Во мај, согласно податоците на Народната банка, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор остварила месечен пад од 0,17 п.п. и се сведе на 3,46 отсто.
-Притоа, падот се должи на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,54 п.п. и 0,08 п.п., соодветно) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 п.п.). Во споредба со истиот месец минатата година, оваа каматна стапка бележи раст од 0,15 п.п, наведуваат од НБ.
Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, согласно податоците, овој месец изнесува 0,87 проценти и бележи месечно зголемување од 0,04 п.п. Анализирано по валута, месечниот раст произлегува од повисоките каматни стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,06 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), додека каматните стапки на депозитите во странска валута бележат пад (за 0,02 п.п.).
На годишно ниво, оваа каматна стапка е пониска за 0,29 п.п.
‒ Во мај, кај каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор, е забележан месечен раст од 0,59 п.п. и изнесува 1,11%. Притоа, растот е резултат на повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,64 п.п.), при остварен раст и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,29 п.п.).
Oвој месец, банките и штедилниците не примиле денарски депозити со валутна клаузула. Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,37 п.п., во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците.
Овој месец, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата на месечно ниво се намали за 0,03 п.п. и се сведе на 5,06 отсто. Месечната промена се должи на намалените каматни стапки кај сите компоненти, и тоа: каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,03 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,03 п.п. и 0,02 п.п., соодветно). На годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,29 п.п.
-Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, во мај, изнесува 4,53 проценти, што претставува раст од 0,02 п.п. на месечно ниво. Нагорното поместување произлегува од зголемувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,12 п.п. и 0,06 п.п., соодветно), при минимален раст и на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.).
Споредено на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е пониска за 0,08 п.п, велат од НБ.
Во мај, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата забележа минимално месечно намалување од 0,01 п.п. и изнесува 0,66 проценти. Падот, како што велат е одраз на намалените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,01 п.п., соодветно), во услови на непроменети каматни стапки на денарските депозити со валутна клаузула.
Оваа каматна стапка бележи пад од 0,16 п.п. во споредба со истиот месец претходната година.
‒ Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата во мај е пониска за 0,07 п.п. и изнесува 0,62 отсто. Месечниот пад се објаснува со намалувањето на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,17 п.п. и 0,03 п.п., соодветно).
Овој месец, кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Во однос на мај 2021 година, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е намалена за 0,02 п.п, додаваат од Народната банка.