Независниот синдикат за образование и НСОН денеска во Скопје одржаа протест, како што нагласија, во интерес на правата на просветните работници и побараа да не се спојуваат наставните предмети и да се почитуваат колективните договори.
Протестот започна напладне од Жена парк, а учесниците пешачеа до зградата на Министерството за образование и наука, каде одржаа говори.
Првите луѓе на синдикатите рекоа дека го искажуваат своето незадоволство како резултат на недостаток на социјален дијалог, погазување на работничките права, погазување на достоинството на просветните работници, непочитување на законите и колективните договори.
Тие најавија дека доколку нема слух и доколку не настанат радикални промени во скоро време од страна на Министерството за образование и наука (МОН) ќе повикаат на преземање порадикални чекори што подразбира организирање „обичен или бел штрајк“ во зависност од синдикалната поддршка.
Членовите на синдикатот се незадоволни од најавите за спојување на повеќе наставни предмети Географија, Историја, Хемија, Физика, Биологија, Граѓанско образование, Етика, Информатика и Техничко образование. Ваква појава, според претседателот на Независниот синдикат за образование Томислав Гиевски, може да предизвика губење на дел од работните места, а истовремено го погазува професионалниот интегритет на работниците.
-Географот се обучувал да предава географија, историчарот историја…Со ваквите промени просветните работници стануваат универзални, секој да биде соодветен за секој предмет да го предава. Тоа е исто како хирурзите да ги испратиме да гаснат пожар, а пожарникарите да ги испратиме да работат во некоја конфекција. Се погазува професионалноста, рече Гиевски.
Тие се незадоволни и од непочитувањето на колективните договори во секторот образование.
Гиевски потенцира дека во секторот образование години наназад не се почитуваат колективните договори.
-Во моментов најниската плата за најнизок степен на сложеност изнесува нето 12.000 денари, а сведоци сме дека минималната плата во државата изнесува нето 20.175 денари. Кога станува збор за просветните работници изреката е постојано дека нема пари, дека државата е во криза, но видовме како експресно најдоа начин да си ги зголемат платите нивни државните функционери за 78 отсто.
За јавните функционери законот е закон и тој мора да се почитува, а просветните работници секогаш се ставени на маргините, не се почитуваат колективните договори во делот на додатоците, платата доцни константно во последниве 20 години, не е никогаш иплатена во законски предвидениот рок, рече Гиевски.
Независниот синдикат за образование, според него, досега немал средба со актуелниот министер за образование Јетон Шаќири иако имале околу десет барања.
– Никогаш не сме добиле повратен одговор, никаква желба од страна на министерот да разговара со нас и затоа мора да не слушне од тука, рече Гиевски.
Причината за спојувањето на предметите, според него, е само да не ги решат проблемите на просветните работници.
-Со спојување на предметите во рок од пет години со целосна имплементација во просек ќе се изгуби едно работно место во две училишта. Земам училишта кои во просек имаат четири одделенија со паралелка. Недостасуваат 24 часа по природните и општествените предмети, заедно со укинувањето на предметот иновации. Тоа е клучно, вели Гиевски.
Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Марјан Ристески, пак, истакна дека кревањето на галсот на просветните работници е показател дека, како што рече, нешто не е во ред во државата.
-Владата свесно бега, требаше да ни достави некоја методологија колкав ќе биде процентот на платите и како ќе се пресметуваат. Зошто сакаат да купуваат време не знам, меѓутоа трпението на граѓаните е при крај, рече Ристески.
Според него, доколку се донесат законските измени во Собранието поврзани со коридорите ќе се види гневот на работниците.
– За брзо време ќе се направи еден масовен протест, најави Ристески.
МИА/Фото: МИА