еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО ТОП СТОРИИ

Прва посета на Пендаровски на Косово: Македонија стои на располагање да ги пренесе искуствата од евроинтеграцијата

Северна Македонија и Косово се две пријателски земји, посветени на искористување на можностите за зајакнување на билатералната соработка во сите области и се важни трговски партнери, изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на заедничката прес-конференција со неговата косовска колешка Вјоса Османи во Приштина.

– Неодамна се одржа првата заедничка седница на владите на двете земји, во Скопје, при што беа потпишани 11 билатерални договори. Очекувам нивната реализација да значи унапредување на економските врски и конкретна придобивка во интерес на нашите граѓани, рече Пендаровски, додавајќи дека со претседателката Османи имале искрен и конструктивен дијалог.

Во однос на надворешната политика, Пендаровски посочи дека двете држави споделуваат заеднички стратешки цели.

– Северна Македонија ги поддржува евроатлантските аспирации на Косово и во тој контекст стоиме на располагање да ги пренесеме нашите искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО Алијансата. Членството во овие две организации значи натамошна стабилизација и просперитет за регионот.

Исклучително важна компонента на овој пат е регионалната соработка. Подготвени сме да продолжиме активно да придонесуваме со цел да имаме инфраструктурно развиен и економски просперитетен регион и во таа смисла го поддржуваме пристапувањето на Косово кон постојните регионални иницијативи и форуми, изјави Пендаровски.

Воедно, Пендаровски, нагласи дека со претседателката на Косово, разговарале и за дијалогот Приштина – Белград, кој го оцени како еден многу тежок и компликуван процес, но дека верува оти сите луѓе со добра волја во регионот и пошироко, ќе го поддржат решавањето на спорот, кој на крајот ќе значи „иреверзибилна пацификација на регионот“.

– Дозволете ми во оваа прилика да го реафирмирам нашиот став, а тоа e дека Северна Македонија поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност и кое нема да ја загрози безбедноста на соседните држави.

Во таа насока, го поздравуваме и постигнатиот договор за деескалација на тензиите во северно Косово постигнат со посредство на Европската Унија, рече Пендаровски.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Приштина, Пендаровски нагласи и дека на средбата со Османи разговарале и за можностите за унапредување на правата на етничките Македонци кои живеат на Косово.

– Со цел зближување на нашите граѓани и јакнење на прекуграничната соработка беа разгледани и можностите за отворање на нови гранични премини, додаде Пендаровски.

Косовската претседателка Вјоса Османи во обраќањето нагласи дека меѓу Косово и Северна Македонија се потпишани над 40 меѓународни и други меѓуминистерски договори кои се во завршна фаза.

Таа во ова прилика истакна дека Албанците од Северна Македонија се силен мост на поврзување меѓу двете држави, нагласувајќи дека меѓу двата народи има силни економски и културни односи и се цели кон нивно унапредување уште повеќе.

– Албанците во Северна Македонија се темел на стабилноста, но и сила на унапредување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Му се заблагодарувам на претседателот Пендаровски за неговата улога во однос на поддршката на Косово во својство на претседател, но и на цела држава Северна Македонија за придонесот во однос на тоа Косово да оди напред кон предизвиците со кои се соочува во меѓународната арена, рече Османи, која додаде дека во Косово постои голема желба за зголемување на меѓуинституционалната соработка меѓу двете држави.

Меѓу другото, Османи му се заблагодари на Пендаровски и за поддршката што Северна Македонија му ја дава на Косово во меѓународната заедница во врска со визната либерализација.

– Северна Македонија не ја гледаме само како сосед, туку и како партнер во многу процеси од причина што двете држави имаат за цел интеграција во ЕУ. Очекувам вербалната поддршка ЕУ да ја претвори во конкретни дела за да ја поддржи Северна Македонија, рече Османи, посочувајќи дека Косово и регионот се уште се соочуваат со големи ризици во делот на безбедноста заради „дестабилизирачките тенденции на Русија, преку Србија“.

Таа нагласи дека Косово е посветено не само да ги одбие ваквите несакани влијанија, туку и да работи со сите свои партнери од Западен Балкан и нивните меѓународните партнери со цел да се превенираат ваквите дестабилизирачки влијанија.

Претседателот Пендаровски за време на денешната еднодневна посета на Косово беше придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и членови на неговиот кабинет.

Освен со неговата домаќинка Вјоса Османи, Пендаровски во Приштина оствари средби и со претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца и со премиерот на Косово, Албин Курти.

Пендаровски е првиот шеф на македонската држава кој престојува во официјално посета на Косово, од прогласувањето на неговата независност пред 13 години.

Во рамки на престојот во Косово, претседателот Пендаровски во Пеќ ќе ја посети Регионалната команда на КФОР – Запад и припадниците на македонскиот контингент во составот на Мисијата.

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Со поддршка од „Макпетрол“ и во Кочани ќе се одржат работилници против врсничко насилство

Редакција

267 се реинфекции: Нови 2.000 случаи на Ковид-19 од 5.779 тестови

Редакција

Уставниот суд пресече: Нема пари за вработените во СЈО

Редакција