Отпуштен е и последниот пациент со компликации од Ковид-19, кој се лекуваше на Интерното одделение во струшката болница. За пациенти позитивни или суспектни со Ковид-19 на располагање е модуларната болница, каде во моментот се лекуваат осум пациенти.
Директорот на Општата болница во Струга, Арменд Арслани појасни дека Интерното одделение, кое од почетокот на пандемијата беше ковид центар, ќе им биде достапно на пациентите, кои имаат потреба од интернистички услуги, каде во просек дневно се вршат 55 амбулантски прегледи.
„Бројот на хоспитализирани лица со компликации од Ковид-19 е драстично намален. Минатата недела хоспитализирани се само две лица, а во моментот во модуларната болница се лекуваат осуммина, од кои еден е на кислородна поддршка,“ изјави Арслани.
Во модуларната болница, додаде, на располагање се 35 кревети за пациенти со компликации од коронавирусот со централен довод на кислород до секое легло.
Во изминатите 15 месеци, колку што трае пандемијата со Ковид-19, во струшката болница биле хоспитализирани над 2.000 лица.
МИА/Фото: МЗ