Во февруари вкупните депозити на годишна основа се зголемени за 7,1 отсто, при речиси еднаков раст на депозитите кај двата сектора, соопшти Народна банка.
На годишно ниво, вкупните кредити бележат раст од 4,4 проценти. Нагорната промена е под влијание на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес кон растот на секторот „домаќинства“.
Кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,5 отсто и 7,1 процент, на месечна и годишна основа.
Анализирано по валута, кредитите во денари имаат поизразен придонес кон нагорната промена на месечно и годишно ниво. Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст за 0,6 и 1,2 процента при годишен раст од 6 и 12,7 отсто.
Кај автомобилските кредити, овој месец, е остварен пад за 3,3 и 13 проценти, на месечно и годишно ниво.
Кредитите одобрени на кредитни картички, во февруари, бележат месечен и годишен пад од 2,3 и 9,2 отсто, додека негативните салда на тековните сметки се намалени за 1,5 и 9,3 отсто на месечна и годишна основа.
Кај кредитите одобрени врз други основи, овој месец е забележано месечно и годишно намалување од 1 и 6,7 проценти.
По падот во јануари, паричната маса во февруари 2021 година, оствари месечен раст од 0,8 отсто што во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари при помал раст и кај краткорочните депозити, а во услови на пад кај долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек.
Во февруари, годишната стапка на раст забрза достигнувајќи 9,7 отсто и главно произлегува од зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити и готовите пари во оптек, при пад кај долгорочните депозити до две години.
Вкупните депозити во февруари се повисоки за 0,9 отсто на месечна основа, во најголем дел како резултат на зголемувањето на депозитите на секторот „домаќинства“, при умерен раст и на депозитите на корпоративниот сектор.
На годишна основа, вкупните депозити се зголемени за 7,1 отсто, при речиси еднаков раст на депозитите кај двата сектора.
Вкупните кредити бележат месечен раст од 0,4 проценти, додека на годишна основа се повисоки за 4,4 отсто. Нагорната промена на месечно и годишно ниво е под влијание на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари, се зголемени за 0,5 отсто на месечно ниво. Притоа, растот во најголем дел е резултат на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, во услови на пад кај долгорочните депозити во денари.
Анализирано на годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 13,7 проценти, заради растот на депозитните пари и краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, при остварен пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари.
Во февруари, кредитите на корпоративниот сектор бележат месечно зголемување од 0,3 отсто, при речиси еднаков раст на кредитирањето во денари и странска валута (малку поизразен кај кредитите во денари).
На годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор се повисоки за 1,4 отсто, во целост како резултат на растот на кредитите во странска валута.
Кај вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, е забележан месечен раст од 1,3 отсто, кој во најголем дел се должи на зголемените депозитни пари, при помал раст и кај краткорочните депозити во странска валута.
Во споредба со истиот период претходната година, овие депозити се зголемени за 5,2 отсто, во целост под влијание на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти.