еМагазин
Image default
Македонија

Разговорите со Бугарија се водат на ниво на експерти, а за резултатите информира МНР по состаноците, вели Ковачевски

Разговорите со Бугарија за отворените политички прашања се водат на ниво на експертски групи и за сите резултати од разговорите Министерството за надворешни работи (МНР) информира откако завршуваат состаноците.

Штом ќе има решение кое што е прифатливо за двете страни тоа ќе биде споделено со јавноста, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Разговорите со Република Бугарија се водат во неколку работни групи. Тие работни групи беа формирани со цел да не бидат изоставени институциите во државата коишто можат да креираат бенефити за граѓаните.

Вие сте сите информирани дека имаме работна група за економски прашања каде што се вклучени иновации и трговија, потоа за инфраструктура, за образование и култура, за европски интеграции, итн.

Нормално дека политичките прашања се одвиваат на ниво на МНР, тие веќе имаа една средба во Софија, следната средба ќе биде во Скопје, истакна Ковачевски.

Тој додаде дека разговорите се водат на ниво на експерти и за сите резултати од разговорите МНР информира откако завршуваат состаноците, што беше случај и при последниот состанок којшто се одржа во Софија.

Истакна дека министерот за надворешни работи во однос на отворените политички прашања имал свое излагање во Комисијата за надворешни работи во Собранието, каде што сите пратеници можеле изворно да се информираат.

-Што значи дека процесот се води на ниво на експерти коишто работат во МНР со полн капацитет со своите колеги од Република Бугарија и штом ќе има решение кое што е прифатливо за двете страни, тогаш нормално дека тоа ќе биде споделено со јавноста и нормално дека ќе биде споделено низ институциите коишто тоа решение ќе треба да го одобрат согласно со законските и уставните одредби на државата, рече Ковачевски прашан за коментар за изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нема да признае каков било договор со Софија се додека се договара зад затворени врати.  

Во однос на етничката определба на Гоце Делчев, Ковачевски рече дека „Гоце Делчев е основоположник за национална борба којшто се борел за независна македонска држава која што ние денес ја живееме, која што е членка на НАТО, која што е на чекор до отворање на преговорите со ЕУ штом ќе се решат прашањата со Република Бугарија кои што ги имаме отворено“.

Тие, како што рече, мора да се решаваат во духот на европските вредности во духот на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и во духот на почит и на позитивна комуникација како помеѓу политичарите во двете држави, така и помеѓу граѓаните и институциите во двете држави.

-Со оглед на тоа што постојат отворени прашања коишто се дел од историјата, формирана е Историска комисија, односно Комисија за историски и образовни прашања какви што комисии се формирани и помеѓу држави коишто исто така имале историски спорови и во други делови во Европа.

Такви комисии постојат помеѓу Германија и Полска и помеѓу други држави и коишто работат низ годините.

Исто така, и оваа Комисија работи според своја методологија, работи според историски факти и во неа учествуваат професори по историја и затоа јас велам дека политичарите треба да се занимаваат со политичките прашања, бидејќи за тоа се избрани и тоа треба да го прават врз основа на европски вредности, додека историчарите треба да истражуваат за историските прашања и врз основа на заеднички сознанија треба заеднички да ги соопштуваат, нагласи премиерот Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи никаков пазар со Бугарија

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Две лица не ја почитувале мерката за изолација, а 1.022 не носеле маски

Редакција

Заев: Влада треба да се формира, нови избори не се решение

Редакција

Кандидатот за претседател на Бугарија Лозан Панов ќе го посети Скопје и сака затоплување на односите

Редакција