Потпретседателката на Собранието и пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски тврди дека одлуката за обвинение против неа е избрзана и апсурдна затоа што нема никакви докази против неа.
„Во однос на одлуката на Јавното обвинителство можам само да искоментирам дека е избрзана одлука и е само уште една потврда за тоа дека конструкции без докази може да станат основи за обвинение.
Тоа секако ќе се докаже, но за тоа некој мора да сноси одговорност и можам слободно да кажам дека со овој процес можам слободно да најавам и реформа на Јавното обвинителство, имајќи предвид дека многу од прашањата допрени во јавноста останаа неодговорени и секако тука не очекувам соработка од останати институции, но очекувам соработка од новиот министер за внатрешни работи, којшто можеби ќе има слух и сенс за одредени прашања којшто не беа отворени во изминатиот период, со тоа да добијат на гласност, а со тоа и опозицијата да покаже дека стои на ставот дека ќе работи професионално и согласно закон“, изјави Ременски.
Во таа насока, Ременски рече дека токму овој ден кога во Собранието треба да биде изгласана техничката влада, не е случајно избран.
„Факт е дека причините за политички елиминации на најгруб можен начин се уште функционираат и јас сум длабоко убедена дека изборот на денешниот ден не е случаен“, рече Ременски.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против пет физички лица и едно правно лице за случајот со Меѓународниот сојуз.
Обвинети во овој случај, познат во јавноста како „Рекет 2“ се првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски, неговиот татко Миле Јовановски, Фросина Ременски, асистентката во Меѓународниот сојуз, Христина Блажевска и потпретседателката на Сојузот, Јасна Мандиќ.
Ременски кажа дека нејзините политички активности за изборите се замрзнати, но дека нема ништо против тоа што не учествува во подготовката на изборниот процес.
МИА/Фото: СДСМ
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ