Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 481.809 граѓани, информираат од Министерството за здравство.
„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 346.836 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 12.294 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.615 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 572.176 дози вакцини, а ревакцинирани се 225.340 граѓани.
Со последните бројки 52% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 49% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина,“ се вели во соопштението.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk, бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МЗ