еМагазин
БЕСПАРИЦА

РКЕ: Доколку сметките за струја се нереално високи, доставете претставка

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги известува потрошувачите дека можат да достават приговор до РКЕ доколку добиените сметките за електрична енергија отстапуваат од реалната потрошувачка на електрична енергија.

„Доколку потрошувачите добијат сметки во кои е фактурирана нереална потрошувачка на електрична енергија, истите може да поднесат претставка до РКЕ. Комисијата за жалби која функционира во рамките на РКЕ ќе им даде приоритет на решавање.

Во изминатиов период имаме укажување од потрошувачите дека добиваат високи сметки за електрична енергија за еден месец, а следниот месец добиваат само за улично осветлување. Ние по овие претставки постапуваме веднаш.

Дополнително, сакам да потсетам дека потрошувачите имаат можност за контрола на начин што самостојно ќе ги отчитаат броилата по што можат онлајн да ја пријавуваат состојба на броило во ЕВН, со што врз основа на овие податоци за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа ќе добијат реална фактура за потрошената електрична енергија,“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Во исто време, од РКЕ ги потсетуваат потрошувачите од категорија домаќинства дека Универзалниот снабдувач односно ЕВН Хоме не смее да ги исклучува од системот за електрична енергија ранливите потрошувачи во месеците декември, јануари и февруари поради неплатени фактури за испорачана електрична енергија.

„Ранливиот потрошувач има можност за одложено плаќање или плаќање на минимум шест еднакви рати доколку има доспеан долг.

Исто така, ранливиот потрошувач кој е заведен во евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика има право од ЕВН Хоме да бара да биде ослободен од обврска за плаќање на надоместок за повторно приклучување, како и бесплатно да му се направи вонредна верификација на мерната опрема.

Согласно член 197 став (3) од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19) сите потрошувачи имаат право на надоместок на штета поради намалена испорака (испорака на електрична енергија со послаб квалитет од пропишаниот) или прекини во испораката на енергија под услови и начин утврдени во Правилата донесени од РКЕ,“ се вели во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

До крајот на годината над 90% од потрошувачите ќе имаат евтина тарифа

Редакција

На „акција“ ќе може да се продаваат и поевтинетите производи, но ако причина е рокот на траење, тоа ќе мора да се наведе

Редакција

Просечната инфлација лани 9,4%

Редакција