еМагазин
Image default
Македонија

Обвинителката е со истечен мандат, рочиштето против Рашковски за случајот „Софтвери” одложено за 14 март

Судењето за случајот „Софтвери” против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се осомничени за нелегалната набавка на софтвер се одложува за 14 март поради отсуство на јавниот обвинител.

На почетокот на денешното рочиште, судијката Фанка Јанчулева Михаиловска информираше дека добила барање за одложување на денешното рочиште од Основното јавно обвинителство со известување дека јавниот обвинител што треба да го застапува предметот има договорена работна средба надвор од државата.

– Се надевам дека Советот на јавни обвинители ќе даде придонес за надминување на оваа состојба со избор на јавните обвинители на кои им е веќе истечен мандатот, меѓу кои и на јавниот обвинител што го застапува и овој предмет, изјави судијката Јанчулева Михаиловска.

Застапник на обвинението е јавниот обвинител Ивана Трајчевска, чиј мандат е истечен.

Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од КЗ.

Првообвинетиот, се вели во Обвинителниот акт, не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на работи – метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

– Во една од постапките за јавна набавка, со умисла во сторувањето на кривичното дело му помогнал и четвротообвинетиот, сопственик и управител на економски оператор.

Првообвинетиот, јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка, комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, ​со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137 денари, се вели во обвинителниот акт на ОЈО – ГОКК.

Воедно, првообвинетиот, како службено лице, го искористил службеното овластување – да склучува авторски договори со физички лица, иако знаел дека шесто и седмообвинетите седмообвинетите воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари.

Второобвинетиот и шесто и седмообвинетите, според ОЈО, согласно договорот што го имале со првообвинетиот за поделба на паричните средства подигнувале дел од исплатените средства во готовина со цел да му ги предадат на првообвинетиот. Со овие дејствија е нанесена штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 1.320.000 денари.

– Во временскиот период од 05.06.2017 година до 05.05.2021 година, во Скопје, првообвинетиот, пуштил во оптек пари во вкупен износ од 5.378.319 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити, информираат од ОЈО.

На почетокот на овој месец Советот на Апелацискиот суд Скопје, ја уважи жалбата на првообвинетиот во случајот Драги Рашковски и му ја укина мерката куќен притвор. Во одлуката на скопска апелација се вели и дека се прифаќа понудената гаранција од страна на обвинетиот Рашковски, во вкупен износ од 192.980 евра, што се состои од ставање хипотека на недвижен имот.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тетово може да стане ново жариште на коронавирусот, предупредува Османи

Редакција

(Фото) „Спасете ја Газа“: Во Скопје протест за поддршка на палестинскиот народ

Редакција

Корупција во владините редови, пренатрупани затвори, закани за новинарите: Што пишува во Извештајот на Стејт департментот за Македонија

Редакција