Руската православна црква (РПЦ) ја поздравува одлуката на Српската православна црква (СПЦ) да го обнови канонското единство со Македонската православна црква – Охридска архепископија, јави дописникот на МИА од Белград.
– Руската православна црква ја поздравува одлуката на Српската црква да го обнови канонското општење со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, изјави заменик-претседателот на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов, нагласувајќи дека тоа претставува „надминување на половина век стариот црковен раскол“.
Соборот на СПЦ денес издаде соопштениe со кое за МПЦ го прифаќа статусот на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година.
Во соопштениeто се наведува дека во дијалогот за идниот и конечен канонски статус на МПЦ, раководството на СПЦ ќе постапува исклучиво согласно канонските и црковните норми и принципи, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под на ничие влијание или притисок.
По одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај со кое ја призна МПЦ-ОА за канонска црква, секретарот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, протоереј Игор Јакимчук минатата недела изјави дека РПЦ „ги признава ексклузивните канонски права на Српската православна црква во Северна Македонија“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Соборот на СПЦ прогласи канонско единство со МПЦ-ОА
МИА/Фото: Unsplash