Обвинителката Вилма Русковска го добила барањето да се изјасни по решението на дисциплинската комисија и ќе одговори во предвидениот рок од пет дена, најдоцна до понеделник, потврди таа за МИА.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, претходно денеска изјави дека за дисциплинската постапка за суспендираната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГК), Вилма Русковска треба да се обезбедат определени докази и за нив да се изјаснат обвинителите опфатени со постапката.
– Комисијата за дисциплинска одговорност го разгледа предлогот за покренување дисциплинска постапка и колку што сум информиран по тој предлог донесе решение за поведување дисциплинска постапка. Натаму знаете, во самата постапка треба да се обезбедат определени докази и треба да се произнесат јавните обвинители за кои се води оваа постапка, изјави Јовески, на новинарско прашање дали има новини во однос на дисциплинската постапка за Русковска.
Републичкиот јавен обвинител врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, минатиот месец донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа, а по претресот во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈОГК.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Јовески: За дисциплинската за Русковска треба да се обезбедат докази и да се произнесат засегнатите
Се бара наследник на Русковска, распишан оглас
МИА/Фото: МИА