Лидерите на земјите од „Отворен Балкан“, премиерот Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ на Самитот на Отворен Балкан заедно со владините претставници и делегации на трите земји ги потпишаа документите за соработка во областа на образованието, културата, туризмот и од областа на даночната политика.
Трите држави го потпишаа Договорот за соработка на Западен Балкан во полето на взаемно признавање на дипломи и научни титули издадени во високообразовните институции и други овластени институции. Со одредбите се забрзува постапката за прифаќање на дипломите и професионалните звања, со што се поедноставува и олеснува процедурата, како исклучителна придобивка за граѓаните од регионот со позитивни импликации за заедничкиот пазар на трудот.
Договорот го потпишаа Ковачевски, Вучиќ и Рама.
На самитот денеска беше потпишан и Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот.Со овој меморандум, кој го потпишаа министерот за економија Македонија, Крешник Бектеши, министерката за туризам и животна средина на Албанија, Мирела Кумбаро-Фурчи и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ, се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација.
Една од целите на Меморандумот за соработка во културата, што денеска го потпишаа министерките за култура на Македонија, Албанија и Србија, Бисера Костадинова-Стојчевска, Елва Маргарити и Маја Гојковиќ, е креирање на заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.Со Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот, што денеска исто така беше потпишан на самитот „Отворен Балкан“ во Охрид се создаваат нови можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.
Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации во Западен Балкан го потпишаа директорката на Управата за јавни приходи на Македонија, Сања Лукаревска, директорка на даночната управа на Србија, Драгана Марковиќ и директорот на Генералниот директорат за даноци на Албанија, Цено Клоси.
Фото: Влада