еМагазин
Image default
Бизнис

Туристичките работници бараат итно бесплатни ПЦР тестови за странски туристи

Итна операционализација на мерката бесплатни ПЦР тестови за странските државјани кои ќе докажат туристички или деловен престој во земјава со хотелска сметка или ваучер издаден од туристичка агенција, бара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Оваа мерка, потсетува Здружението, е дел од петтиот антикризен пакет што го усвои Владата и е донесена на барање на бизнис секторот.

„Владата го препозна значењето и потребата од ваков тип поддршка. Но, она што сакаме да укажеме е дека е потребна итна операционализација за мерката да има позитивен ефект“, рече денеска на прес-конференција заменик-претседателот на Здружението, Александар Кузмановски.

Здружението има и конкретен предлог како да се спроведе ваквата поддршка.

„За организирани туристички групи тестовите да бидат земени во објектот каде е сместена групата по упатено барање од страна на сместувачкиот објект, а резултатите да бидат издадени на англиски јазик во рок од 24 часа.

Тестовите да бидат овозможени за државјаните на земјите на кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичната држава.

Засега, единствени валидни тестови според СЗО се ПЦР кои до моментов се задолжителни за влез во државите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија и Грција, но и во државите кои не се членки на ЕУ, а кои се од значење за нашата економија и туризам, како Турција и Израел“, истакна Кузмановски.

Според Здружението, треба да се подготват и протоколи за дејствување во случај на позитивни резултати од направениот ПЦР тест.

„Хотелите да издвојат пет отсто од вкупниот капацитет (најмалку две и  најмногу 10 соби) за изолација на лица со позитивен резултат, а најблиската градска или локална болница да ја следи здравствената состојба на позитивното лице до негово оздравување.

Во случај на потребна медицинска нега лицето да биде згрижено во најблискиот Ковид центар на товар на ФЗОМ.

При вакви околности и во случај на делумно субвенционирани тестови или ограничена цена која нема да надминува 1.200 денари, домашните и странските партнери ќе бидат во можност да ги споделат трошоците за ковид тестот и сето тоа да се направи низ безбедна и утврдена процедура која ќе овозможи зголемена деловна активност и проодност на патници, но и организирани туристички движења“, објасни заменик-претседателот на Здружението.

МИА

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Голем пад на прометот на Македонската берза во март

Редакција

До крајот на годината ќе има бесплатен WiFi на јавни површини

Редакција

Акцијата на Алкалоид за шест месеци пораснала за 21,4%

Редакција