еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Седницата на која се расправа за „францускиот предлог“, ќе продолжи утре

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина 81. седница на која се расправа за „францускиот предлог“ и нејзиното продолжение го закажа за утре во 11 часот. За збор се јавија 42 пратеника.

Откако почна седницата и премиерот Димитар Ковачевски излезе на говорница да ја образложи Информацијата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со вувулзели, труби и свирки правеа бука за да не може да се чуе што говори премиерот. По завршување на неговиот говор следеше аплауз од пратениците од владејачките партии, додека оние од опозицијата скандираа „предавник“.

Прва за збор по премиерот се јави Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, која во својот говор рече дека болна точка за Бугарија е фактот што Атина го прифаќа постоењето на македонскиот јазик, а тие го нарекуваат дијалект на бугарскиот јазик.

– Овие ставови на Владата во Софија не се нови. Тоа ви го кажавме уште во 2017 година. Многу е чудно како Софија се согласи да бидеме членка на НАТО, а во втората половина на 2019 година да стане пречка за интеграција во ЕУ.

Во преден план се сега барањата за внесување на Бугарите во нашиот Устав, а не се признава македонско национално малцинство кај нив. Бугарија прва ја призна македонската држава, но не го призна македонскиот народ и јазик, рече Василевска.

По нејзиното излагање за реплика се јави Снежана Калевска Ванчева од СДСМ, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно со вувучзели, труби и свирки предизвикаа врева од која не се слушаше ни нејзиното говорење. Истото го правеа, секогаш кога некој пратеник од СДСМ ќе се јавеше за реплика.

Калеска Вначева порача дека денеска е денот кога сите лаги и манипулации паднаа во вода, денеска е денот кога ВМРО-ДПМНЕ треба конечно да излезе и да им се извини на граѓаните за нивната лага и манипулација.

– Денеска во македонското Собрание Урсула Фон дер Лајен јасно и гласно кажа нема сомнеж дека македонскиот јазик е наш јазик, чист и заштитен, лага и манипулација е дека македонскиот јазик ќе стане бугарски дијалект, лага е дека Македонците ќе го изгубат својот идентитет со преговарачката рамка, нашиот идентитет не бил изгубен низ векови, нашиот јазик не бил изгубен низ векови. Ние сме Македонци со наш македонски јазик и такви ќе останеме и такви ќе влеземе во ЕУ, а сите лаги и манипулации нека служат на чест, истакна Калеска Вначева.

Во реплика, пак, пратеникот Павле Трајанов од ДС рече дека смета оти се многу блиску да се донесат некакви заклучоци од она што го чул од говорот на Урсула фон дер Лајен и од денешната прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Јас сум за една меѓувладина конференција со која ќе почнат преговорите, а потоа да се отвораат кластерите, рече Трајанов.

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор нагласи дека има премногу полиција во и околу Собранието и праша зошто толку полиција ако е се во ред со предлогот.

– Да не мислите дека ќе го исплашите народот или можеби вршите притисок врз вашите пратеници. Можеби повторно како на 27 април подготвувате сценарио, но тоа нема да се случи. Предавници во ВМРО-ДПМНЕ нема. Нема да донесете уставни измени по бугарски диктат, рече Ковачки.

Пратеникот на СДСМ, Марин Костовски истакна дека по денешната шлаканица што ја добија во македонското Собрание, „криминалците од ВМРО-ДПМНЕ кои го бранат Никола Груевски се нервозни“, бидејќи имаме чист македонски јазик во ЕУ и затоа свират и се нервозни.

– Ако имавте грам чест и морал, требаше да се извините на граѓаните што ширевте лаги и небулози, што го поделивте општеството, засрамете се, вие сте предавници. Нервозни сте затоа што нема бугаризација, затоа што имаме чист македонски јазик, без фусности, без забелешки. Македонци кои говорат македонски јазик во ЕУ. Колку тоа гордо звучи“ порача пратеникот на СДСМ, Марин Костовски.

Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ ги праша пратениците од власта кој им дал мандат да задираат во најсветите нешта – јазикот, идентитетот и историјата и дали се глуви и слепи пред, како што рече, илјадниците кои секојдневно маршираат и викаат не за францускиот предлог.

– Кога народот ќе каже не тоа значи точка на се. Дали рушевте антиквизација за да ја замените со бугаризација, праша Мизрахи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јаулески го запали „францускиот предлог“ на собраниската говорница

(Видео) Ковачевски се надвикуваше со пратениците, свирежи за време на неговото обраќање: „Силно верувам во исправноста на предлогот“

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ има дилеми околу јазикот, историјата, Протоколот, кој никој не го видел, вели Мицкоски по обраќањето на Фон дер Лајен

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од утре нестабилно време со пороен дожд и грмежи

Редакција

(Фото) „Зелена“ бизнис-идеја: Свеќа од пчелин восок произведен на падините на планината Плачковица

Редакција

Дански и шведски сеизмолози регистрирале силни експлозии во областите на истекување на Северен тек

Редакција