еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО

Шефот на грчката дипломатија и неговиот заменик во посета на Македонија

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис во вторник, на 26 ноември, ќе го посетат Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на МИА, рече дека агендата на разговори се уште се комплетира, но со оглед на тоа дека и Франкојанис ќе биде во Скопје заедно со Дендиас, ќе стане збор и за економската соработка.

– Една од темите за кои ќе се разговара е и дополнителен развој на нашите економски односи, затоа ќе биде присутен и господинот Франкојанис. Мислам дека желба на двете страни е соработката да се движи во позитивна насока, рече Гениматас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

Шефовите на дипломатиите на Грција и на Македонија се сретнаа вчера во Брисел, средба за која Гениматас рече дека била конструктивна и станало збор за подготовките за посетата на Дендиас на Скопје.

– Во рамките на грчката стратегија за Западен Балкан, грчката влада има намера да преземе конкретни иницијативи за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот, со цел консолидација на безбедноста, зајакнување на стабилноста и развој на просперитетот на поширокиот регион, рече портпаролот на грчкото МНР.

Гениматас спомена дека се планира, во февруари следната година да се одржи квадрилатерална средба на која ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, а на почетокот на следната година и организирање Самит на земјите членки на ЕУ со државите од Западен Балкан 5+1, односно, Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Во рамките на грчката иницијатива е и посетата на Дендиас на Скопје во вторник, по која ќе следува и посета на Тирана. Министерот за надворешни работи на Грција упатил и покана до неговите колеги од Македонија и Албанија да присуствуваат на работниот појадок на шефовите на дипломатиите на 9 декември во Брисел.

На новинарско прашање за трговските ознаки и промоцијата на грчкото лого, Гениматас рече дека е нешто што беше од претходно најавено и има за цел „да го зајакне идентитетот на македонските производи”.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ратификуван договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи со Косово

Редакција

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Македонија

Редакција

Македонија и Грција заеднички спасуваат ретки византиски фрески од 12 век

Редакција