еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Шест причини зошто не се постигна цензус на референдумот

На референдумот за името гласале 666.743 граѓани или 36,91 од вкупно запишаните во Избирачкиот список, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) по преброени 100% од избирачките места, што значи дека не беше постигнат ни реално посакуваниот цензус од 40%, а уште помалку тој што ќе придонесеше референдумот законски да биде успешен, над 50%.

еМагазин преку шест причини ќе се обиде да објасни зошто на референдумот не се успеа да се постигне цензус:

Избирачки список. Избирачкиот список, кој е непрочистен уште во времето кога СДСМ беше во опозиција, т.н. експерти блиски до власта го отворија по медиумите како причина уште пред да бидат соопштени резултатите од референдумот, кога веќе беше јасно дека истиот нема да успее.
Да, на избирачкиот список му треба сериозен ремонт. Јавна тајна е дека во последните 10-15 години земјата ја напуштиле најмалку 600 илјади граѓани, а никој нема дилема дека Македонија одамна нема 2 милиони жители.
И од ОБСЕ вчера посочија дека следните избори треба да бидат спроведени со прочистен список. Прашање од милион долари е зошто СДСМ и ДУИ до сега не направија ништо истиот да биде прочистен, иако се кажи речи две години на власт.
И да, попис на населението во 2020 година, како што најавија од Државниот завод за статистика, изгледа многу далеку. Последниот бил во 2002 година. Ова го нема ни во Африка.

Незадоволство од власта. Дури и еден од актерите ангажиран во кампањата ЗА на власта, во референдумскиот спот вели: „Можеби сте незадоволни од власта…„. Да, многу граѓани се разочарани од актуелната власта. Разочарани се од неисполнетите ветувања, партиските вработувања, бројни скандали со злоупотреба на функцијата… Разочарани се дека ништо не сменило.
Т.н. експерти блиски до власта веќе пресметаа дека од тие прични СДСМ изгубила од 30.000 до 50.000 гласови на референдумот, а слабиот одзив во големите општини со албанско мнозинско население е аларм порака до ДУИ.
Да, СДСМ и ДУИ сериозно треба да размислат како ќе продолжат да владеат. И ако има избори, сериозно да размислат што ќе ветат, за да не биде работава пак „трчи-лажи“.

Несериозна опозиција. “Ни девојка, ни невеста“. Вака отприлика се однесуваше цело време за референдумот најголемата опозициона партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Просто е неопростливо вака да се однесува партија по вакво сериозно прашање, посебно најголемата во земјата.
Иако нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски ги повика симпатизерите и членовите на партијата да гласат по сопствено убедување, од авион се гледаше дека тој всушност со своето однесување повика на тивок бојкот.
Одговорност треба да преземе секој, ако планира да се смета за сериозен политички играч, ако не, нема потреба од него.

Негативна кампања. Кампањата ЗА, како што посочија вчера и од ОБСЕ, беше единствената официјална, но истата не ја искористи таа предност. Напротив, целата кампања наместо позитивни, кај граѓаните предизвика негативни емоции. И што беше најстрашното – заплашување.
Како би се чуствувало едно дете кога татко му и мајка му секој ден ќе го плашат, а згора на тоа ќе му повторуваат дека немаат план Б за точакот кој детете го посакува.
Самопрогласените „богови“ на владиниот ПР и т.н. експерти блиски до власта, кои предреферендумски почнаа да ни излегуваат и од шолја целосно ја утнаа работава.
Да не заборавиме дека ние ги плаќаме за нивната неспособност.
И да во Македонија, му се допаѓало на некој тоа или не ѕвездите на Гранд и Цеца се највлијателни, како што алудираше еден симпатичен твит од соседството. Sorry Меркел.

Емотивно прашање. Дел од гласачите што не се симпатизери на ни една политичка опција не излегоа да гласат, од проста причина што оваа прашање е многу емотивно и сензитивно. Грев ли е тоа? Некои луѓе се поемотивни, некои не. Сите сме различни.
Тоа што “големите“ сили сега истото на сила решиле да го затворат, не влијаше на одлуката на овие граѓани.
Да не заборавиме дека договорот не им се допаѓа ни на граѓаните во Грција. Таму процентот е уште повисок, над 70%.
Потценувањето и заканите дополнително мотивираа многу граѓани да одлучат да не излезат на гласат.

Лажни вести. Живееме во време на лажни вести, а да се потсетиме дека ние сме цареви за истите, и дека ваквите вести спакувани во Македонија влијаеа дури и на претседателските избори во САД.
Во периодот пред референдумот социјалните мрежи експлодираа од лажни вести, полувистини, извртени факти и манипулација и од двата табори, и од тие што беа ЗА и од тие што повикуваа на бојкот.
Власта беше таа што требаше правилно, (на наша сметка), да објасни зошто граѓаните треба да излезат и да гласат ЗА.
Дека не си ја завршила работата како што треба посочија и од ОБСЕ, од каде рекоа дека договорот не бил убаво и доволно објаснет.
И, да да не заборавиме и еден фантастичен податок, само 3% од граѓаните го прочитале договорот за името со Грција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поради “капки вода“ затворена модуларната болница пред Инфективната клиника во Скопје

Редакција

(Фото) Атиџе раскажуваше за детството и ги учеше децата од Лозово и нивните гости како да бидат здрави

Редакција

СЗО: Во 27 земји регистрирани 780 случаи на мајмунски сипаници

Редакција