Граѓаните на општините Штип и Пласница денеска гласаат за избор на нов градоначалник.
Избирачките места се отворени во 7, а ќе бидат затворени во 19 часот.
Во Општина Штип денеска правото на глас можат да го остварат вкупно 41.777 избирачи. Во изводите од Избирачкиот список за гласање во Општина Штип се запишани 39.605 гласачи, а во посебниот избирачки список што се однесува на лица кои се на привремен престој или работа во странство се запишани 2.103 лица.
Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК) – Штип, Сенка Андреева вели дека избирачките места пред да се отворат се дезинфецирани. Членовите на избирачките одбори ја имаат потребната заштитна опрема и средства за дезинфекција и гласањето мора да го спроведат според здравствените протоколи, со држење на растојание од два метра, а исто и гласачите.
Поради здравствените протоколи, гласачите од пет избирачки места во Штип ќе гласаат на други локации, кои се во или во близина на нивните населби.
Избирачите со право на глас на вонредните избори за градоначалник на Општина Штип можат да гласаат за еден од петмината кандидати за градоначалник, кој ќе има мандат од девет месеци се до редовните Локални избори во 2021 година.
На овие избори за градоначалник во општина Пласница право на глас имаат 4.954 граѓанин од четири села, кои може да гласаат на девет избирачки места.
Изминатите два дена во Штип и Пласница гласаа ковид болните, лицата во изолација, болните и немоќни, осудениците и станари на геријатриски домови.
Како што соопшти синоќа Државната изборна комисија (ДИК), избирачките одбори го спроведоа гласањето на овие лица и до општинските изборни комисии доставија известувања со соодветна документација.
Во своите домови гласачкото право можеа да го остварат 142 гласачи кои се пријавиле како болни или немоќни, и тоа 66 гласачи во општина Штип од кои сите 66 гласачи го оствариле своето право на глас, и 76 гласачи во општина Пласница од кои 70 гласачи го оствариле своето право на глас.
Гласење е спроведено во еден центар за вонсеменја грижа каде што се сместени двајца гласачи кои се од општина Штип, од кои само едниот го оствари своето право на глас.
На гласачките места во казнено поправните установи своето гласачко право вчера можеа да го остварат 67 гласачи кои се од општина Штип, од кои 60 гласачи го оствариле ова право и 1 гласач од општина Пласница, кој исто така го остварил своето право на глас.
МИА