еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Што пишува во биографијата на Фатмир Бесими, старо-новиот министер за финансии

еМагазин во серијал ќе Ви ги пренесе биографиите на членовите на новата Влада.

Кој е Фатмир Бесими

Фатмир Бесими и понатаму ќе ја извршува функицијата министер за финансии.

Бесими завршил Економски факултет, насока „Финансии и банкарство“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1998 година.

Постдипломски студии по економија завршил на Универзитетот „Стафордшир“ во Обединетото Кралство во 2002 година, а и докторирал на истиот со тезата „Монетарна и девизна политика на курсот во Република Македонија за време на процесот на пристапување кон Европската Унија“ во 2007 година.

Бесими во текот на образовниот процес завршил и голем број професионални курсеви и обуки, меѓу кои и „Tрансформациско лидерство“ на Универзитетот Оксфорд, „Основи за лидерство на 21 век: Вредности“ на Институтот за глобални работи на Универзитетот Јеил, „Глобално лидерство и јавна политика на 21 век“ на Школата за управување Харвард Кенеди при Универзитетот „Харвард“, „Програма за лидерство за одржлив развој“ на Светска банка, Кембриџ и ПрајсвотерхаусКуперс, стои во неговата биографија.

Зборува англиски и хрватски јазик и има основно познавање на германскиот јазик.

Политичка и професионална кариера

Тој извршувал голем број јавни и државни функции.

Во два мандата е избран за заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања – првпат од март 2013 година до мај 2014 година и вторпат од јуни 2014 до март 2016 година.

Во два мандата е избран за министер за економија и тоа од декември 2004 година до јули 2006 година и од август 2008 година до јули 2011 година.

Функцијата директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги ја извршувал од ноември 2002 до август 2003 година.

Извршувал и други владини ангажмани. Бил копретседавач со Советот за економски раст и одржлив развој во рамки на Канцеларијата на премиерот и Владата од август 2017 година до мај 2019 година, специјален советник на премиерот од август 2017 година до април 2019 година, копретседавач на Националниот комитет, национален координатор за ИПА, координатор за Инструментот за претпристапна помош и билатерална финансиска поддршка на национално ниво како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, како и член на Советот за национална безбедност како министер за одбрана.

Бесими има богата кариера и во рамки на банкарскиот сектор. Ја извршувал функцијата вицегувернер на Народната банка од август 2003 година до ноември 2004 година.

Бил економист во Канцеларијата на Светска банка во Косово од ноември 2007 година до јули 2008 година и истражувач во Народната банка на Република Македонија од мај 2001 година до октомври 2002 година.

Претходно бил стручен соработник во Стопанска банка A.Д. Скопје.

Во рамки на академските ангажмани и наставна кариера, Бесими e вонреден професор на Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа и визитинг висок соработник (вонреден професор) на Лондонската школа за економија и политички науки при Европскиот институт.

Одржал голем број меѓународни предавања на светски реномирани универзитети како на пример, Универзитетот „Вебстер“ во Женева, Лондонската школа за економија и политички науки, Дипломатската академија во Виена, Центарот за европска политика во Брисел, Институтот за меѓународни и европски прашања во Даблин, Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, Мериленд, Школата Харвард Кенеди при Универзитетот „Харвард“, Универзитетот во Џорџтаун, Националниот универзитет за одбрана во Вашингтон, Универзитетот во Вермонт и на Воената академија во Загреб.

Автор е на две, а коавтор на повеќе книги. Има објавено над стотина научни и стручни трудови и учествувал на голем број научни меѓународни конференции, стои во неговата биографија.

Бил ангажиран како консултант од меѓународни финансиски институции како што се Светска банка и УНДП за анализи и проекти во земјава, Европа и Централна Азија.

Раководел со повеќе проекти и иницијативи поврзани со јавниот сектор, економијата, енергетиката итн. Добитник е на неколку награди и признанија, вклучително и наградатa „Редот на ѕвездата на Италија“ со одлука на претседателот на Италија за придонесот во развојот на билатералните односи меѓу двете земји за време на претседателството на Италија со Советот на ЕУ. Член е на „Млади лидери за 2010“ и „Европски идни лидери“, стои во неговата биографија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Која е Јована Тренчевска, новата министерка за труд и социјална политика

Кој е Адмирим Алити, новиот министер за информатичко општество и администрација

Кој е Беким Сали, наследникот на Венко Филпче

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владиниот Генерален секретаријат ќе потроши 30.000 евра на набавка на камери за препознавање регистерски таблички на возила

Редакција

Драстичен раст на долгот на граѓаните и фирмите на новата листа на должници на УЈП

Редакција

Видео обраќање на Заев до граѓаните за престојниот референдум: Ова не е избор меѓу две партии, туку избор за вашата иднина

Редакција