еМагазин
Image default
Балкан

Скандал во Грција: Владини функционери примиле вакцини против Ковид-19 пред лекарите

Грчката влада се соочува со реакција од лекарите и опозициските партии откако десетици високи владини претставници примија вакцина против корона вирусот пред повеќето здравствени работници, пишува Политико.

Во владиниот план за вакцинирање објавен минатата недела се вели дека „приоритетниот персонал кој е критичен за владините функции“ ќе биде вклучен во првата приоритетна група за добивање на вакцината, заедно со лекарите, медицинските сестри и оние што живеат во старски домови.

Владата објави првичен список со 45 службеници кои би биле вклучени во оваа група, вклучувајќи министри од кабинетот, генерални секретари, шефови на здравствени агенции и водачи на грчките вооружени сили.

Сите овие службеници и уште неколкумина се меѓу 471 лице што веќе ја добиле вакцината на „Фајзер/БиоНТех“ од неделата кога започна програмата, од кои многумина се релативно млади, во 50-тите години од животот, пишува Политико.

Во вторникот, портпаролот на Владата, Стелиос Пецас рече дека на приоритетната листа на крајот ќе бидат 126 владини претставници, кои ќе бидат вакцинирани до крајот на јануари.

„До крајот на јануари ќе добиеме 429.000 дози и околу 215.000 наши сограѓани ќе бидат вакцинирани“, рече Пецас.

„Меѓу нив има 126 лица во првата линија на фронтот, апсолутно клучни за функционирањето на владата“.

Оваа изјава предизвика критики од лекарите и политичарите од опозициската партија.

Д-р Панајотис Папаниколау, секретар на Федерацијата на здруженија на болнички лекари од Грција, критикуваше како во болницата „Сотирија“ – за која рече дека требаше да биде водечка болница во земјата во борбата против корона вирусот – закажаните вакцини за десетици здравствени работници беа одложени.

„На нивно место вакцинирани се еднаков број министри. Срамота“, напиша Папаниколау на Твитер.

Алексис Ципрас, поранешниот премиер и лидер на најголемата опозициска партија Сириза, на Фејсбук напиша: „министрите и генералните секретари се редеа за селфи со вакцината, во време кога нема доволно дури и за лекари и медицински сестри на првата линија на фронтот и додека граѓаните мора да почекаат до крајот на летото за да им дојде редот да се вакцинираат“.

Тој додаде: „Ова не е симболичен гест, туку тоа се политички услуги“.

Фото: Фејсбук/Мицотакис

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Павлопулос во концертната сала во Солун влезе од заден влез: Инциденти на протестот против Договорот од Преспа

Редакција

Се погласни најавите за корекција на границите на Косово: Можен ли е домино ефект?

Редакција

(Видео) Без поголеми инциденти, во Белград сепак се маршираше на Европрајд

Редакција