Пивара Скопје и Скопско постигнаа договор со Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) за поддршка на македонската фудбалска репрезентација на нејзиниот настап на претстојното Европско првенство, што ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули оваа година, информираат од компанијата.
Скопско, како докажан пријател на спортот и нераскинлив дел од сите важни моменти од нашето живеење, пред и за време на првенството, интензивно се подготвува за креирање на вистинска навивачка атмосфера и поддршка на нашите фудбалери во нивниот историски настап на едно големо фудбалско натпреварување, велат од компанијата.
За таа цел, во соработка со ФФМ, ќе биде реализирана кампања под мотото „Заедно и сѐ е можно“, во која составен дел е навивачката химна „Одиме на Европско“.
Во создавањето и изведбата на навивачката химна, за која е креиран и видео спот, учествуваат домашни музички ѕвезди обединети во бендот „Вис Рисови“.
Во насока на креирање вистинска навивачка атмосфера, пред и за време на првенството, на пазарот се лансирани и специјално дизајнирани Скопско и Скопско Smooth лименки кои се посветени на фудбалот и македонската репрезентација.
Продажбата на оваа специјална серија лименки започна од 26-ти април.
„Исклучително сме среќни што, како докажани партнери и поддржувачи на спортот, имаме можност да бидеме дел од оваа приказна која покрај спортскиот успех во себе содржи и голема национална гордост.
Сигурни сме дека фудбалерите ќе дадат сè од себе за да го вивнат македонскиот фудбал во нови височини и одново да покажат дека кога се подготвени заедно да го дадат својот максимум на теренот, сѐ е можно.
А, ние ветуваме дека Скопско ќе биде со нив и дека заедно со многубројните фанови и целокупната јавност од сè срце ќе ги бодриме. Веруваме дека, по сите неизвесни и тешки моменти со кои се соочуваме во овој период, нашите фудбалери, со нивната игра и залагање, ќе нè исполнат со радост и гордост“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ.
Во знак на благодарност за партнерството со Скопско и поддршката за македонската фудбалска репрезентација, претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини на генералниот директор на Пивара Скопје му подари специјален репрезентативен дрес со бројот девет.
Од своја страна пак, генералниот директор на Пивара Скопје, на првиот човек на ФФМ, му предаде симболичен подарок за означување на оваа значајна соработка.
„Ни претставува исклучително задоволство што денеска нашата репрезентација и ‘Куќата на фудбалот’ добиваат нов партнер во името на Пивара Скопје. Нѐ радува тоа што еден од најпрепознатливите наши брендови, славното Скопско, станува дел од фудбалското семејство.
Верувам дека заеднички ќе се радуваме на нови победи, со душа и со срце ќе ја бодриме нашата репрезентација и ќе славиме со ‘На здравје – за нови победи’”, истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Скопско и ФФМ најавуват наскоро ново продолжение на оваа приказна со кое ова партнерство, репрезентативците и нивниот настап на европското првенство ќе останат запаметени во нашата фудбалска историја.