ЕСМ Продажба донесе одлука за избор на набавувач на природен гас за месец април 2023 година за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти кои се снабдуваат преку ЕСМ Продажба, информираат од таму.
Природниот гас за април ќе се набави по фиксна цена од 53,60е/MWh, а добавувач ќе биде фирмата Макпетрол.
На јавниот повик кој беше објавен на 20 март 2023 година и кој беше достапен за сите домашни и странски компании регистрирани за дејноста, како што се наведува во соопштението од ЕСМ Продажба, се побаруваше испорака на 500 MWh до 1800 MWh количини гас дневно.
-На повикот пристигнаа две понуди. Конечните финансиски понуди без ДДВ, изразени во фиксни цени како што се бараше во повикот, беа следните: Макпетрол АД – Скопје понуди крајна фиксна цена од 53,60 е/MWh и Balkan Utilities од Р. Бугарија понуди крајна фиксна цена од 53,70 е/MWh, се додава во сопштението.
Со оглед на тоа што најниска фиксна цена понуди фирмата Макпетрол, како што посочуваат од ЕСМ Продажба, донесена е одлука за избор на Макпетрол за добавувач на природен гас за април.
-Со оваа набавка во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останати потрошувачи на природен гас во Република Северна Македонија.
Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во април ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија, се истакнува во соопштението.
Од ЕСМ Продажба посочуваат дека и во овој четврти по ред јавен повик се задржани истите услови и како носител на набавката за природен гас за месец април, сегашниот добавувач ќе обезбеди и гаранција, што е услов во јавниот повик, како што имаа обезбедено гаранција и претходните добавувачи за изминатите месеци.
-На крај, за нас како државни институции е професионално задоволство сознанието дека реалната либерализација на пазарот од 1 јануари, доведе до конкуренција на пазарот со снабдување со природен гас, што очигледно резултира со намалување на цените и ставање крај на плаќањето одредена цена диктирана од постоењето на само една понуда, се наведува во соопштението ЕСМ Продажба.