Промена на соодносот на коефициенти за екстерните испити при упис, соодветни испити при упис, поместување на денот за првиот екстерен испит и материјалите за интерните испити и банките со прашања наставниците да ги споделат најдоцна четири недели пред денот на испитот.
Тоа се четири барања усвоени денеска на Генералното собрание на Сојузот на средношколци (ССРСМ) во однос на државната матура, за кои Сојуот смета дека се во интерес на сите средношколци. Нив ќе ги достави до Владата, Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар.
Во однос на првото барање, ССРСМ појаснува дека сегашниот модел на упис на универзитетите во земјава предвидува оценките од свидетелствата да носат најмногу 60 поени, додека останатите 40 поени произлегуваат од оценките добиение на државната матура. Сега екстерните испити носат најмногу 24 поени, интерните испити носат најмногу 12 поени, а проектната задача носи максимум 4 поени.
-Имајќи ги предвид состојбите во образовниот систем и прекините во наставниот процес на оваа генерација, Сојузот предлага да се промени соодносот, т.е. екстерните да носат 20 поени, интерните 16 поени и проектната задача да носи 4 поени. Сметаме дека нашето барање ќе биде во интерес на средношколците бидејќи интерните испити кои се креирани од самите предметни наставници ќе имаат повеќе тежина при уписот на факултетските студии.
Затоа бараме од надлежните да издаде препорака до универзитетите преку која ќе се издејствува оваа промена, соопшти Сојузот.
Второто барање е соодветни испити при упис т.е. Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет – Мајчин јазик (македонски, албански и турски јазик) и литература да го сметаат за соодветен, со што ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура.
-Доколку е можно, имајќи го предвид православниот празник Духовден, да се помести првиот екстерен испит од 27 мај на 3 јуни. Сојузот смета дека оваа промена треба да се однесува само на првиот екстерен испит, односно сите останати компоненти да се одржат на однапред планираните датуми, е третото барање на Сојузот на средношколци.
Четвртото барање е наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот.
-Бројот на прашања во банките да биде три пати поголем од бројот на прашања на испитот, наведува Сојузот на средношколци по денешниот состанок на Генералното собрание.