Собранието како овластен предлагач на референдумот, нема да определи свои претставници да ја следат работата на изборните органи на референдумот, иако има право на тоа.
За оваа своја одлука, како што било договорено на денешната координативна средба, претседателот на Собранието Талат Џафери со допис го извести претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.
Во дописот, како што објави МИА, се наведува дека парламентарното Координативно тело за референдумот утврдило дека не постои соодветен систем на селекција на потребниот број претставници притоа имајќи предвид дека веќе има акредитирано голем број меѓународни и домашни набљудувачи. Воедно Координативното тело смета дека изборните органи (80-те општински изборни комисии и избирачките одбори во РМ и странство) професионално ќе ги исполнат своите надлежности во врска со претстојниот референдум, со оглед на тоа што изборните органи се составени од лица вработени во администрацијата, а Собранието на Република Македонија има целосна доверба во нив.
По референдумот на 30 септември, првата пленарна седница Собранието би можело да се очекува да ја има во средината на октомври, додека комисиски седници ќе има во деновите пред одржувањето на седницата.
МИА