еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Социјалните мрежи да се насочат во едукативни цели, а не да се укинуваат, велат од МАСИТ

Средствата и каналите за комуникација како социјални мрежи и останати форми треба да се насочат во едукативни цели, а не да се укинуваат. За тоа е потребен интегриран концепт и стратегија со вклучување на сите инволвирани страни, започнувајќи од родителите, училиштата, стручните служби, институциите и целокупното општество, велат од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ во врска со иницијативите за забрана за користење на TikTok и други социјални мрежи во земјава, по масовните убиствата во Србија, за што изразуваат жалење и сочувство до семејствата и блиските на жртвите.

– Проблемот е повеќеслоен, и затоа и пристапот за решавање треба да вклучи соодветна регулација на содржините кои се пласираат на социјалните мрежи, како и едукација на родителите и децата за користење на социјални мрежи со кампањи за користење на истите со цел истакнување на добрите, но и на лошите страни односно ризиците од прекумерно користење на социјалните мрежи.

Сметаме дека децата најнапред, треба да имаат изграден систем на вредности, за тоа што е добро, а што лошо. Овие вредности примарно доаѓаат од родителите и домашното воспитување со постојана присустност и одговорност, а потоа и од наставниците, професорите и сите останати инстанци во непосредна околина на децата. Со евентуална забрана на социјални медиуми нема да се реши проблемот, напротив, еден забранет медиум брзо и лесно ќе се замени со друг, се наведува во соопштението од МАСИТ.

Од друга страна, како што посочуваат, пристапот до технологија е круцијален во процесот на дигитализација, процес кој дава огромни придобивки за целото општество и кој се наметнува како потреба на модерното живеење а со тоа и на самите млади луѓе.

– Треба да се фокусираме на вистинската причина за да може да започнеме со решавање на проблемот. Вистинскиот фокус треба да биде кон поголема семејна и институционална грижа за правилниот развој на децата. Потребна е зголемена будност, реакција и одговорност за спречување на било какво насилство, агресија, или инциденти со или без човечки жртви. Првите чекори за ова се веќе направени со воспоставување на канали за пријава на меѓуврсничко насилство, велат од МАСИТ.

Упатуваат апел и до медиумите за нивната одговорност при известување на сензитивни теми и нивна професионалност за анализи и обработка на теми од област на социјалните медиуми, за што, како што нагласуваат, МАСИТ секогаш им стои на располагање доколку е потребно дополнително мислење, анализа и слично.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео+фото) Антониа Гиговска и Роберт Спасенцовски направија свадба една година откако стапија во брак

Редакција

Гаврилов испратен со аплауз за битката за медиумите, новинарите и слободата на говорoт

Редакција

Денеска сончево и релативно топло време, до 19 степени

Редакција