На денешниот состанок на српскиот воен врв со претседателот Александар Вучиќ, разговарано е за можноста за враќање на задолжителната воена служба, на електронското војување и купување на нови беспилотни летала, јави дописникот на МИА од Белград.
Претседателот Вучиќ по средбата изјави дека е направено „многу“ на подобрување на борбената готовност и на набавката на „најмодерното оружје и воена опрема“.
Тој кажа дека е покренато прашањето и за враќање на задолжителната воена служба и дека за тоа ќе се води широка дискусија во јавноста.
-Тоа има свои добри и лоши страни. Некои од лошите се тоа што само во објектите и храната тоа ќе чини над осум милијарди евра, сметајте 70 милиони евра (годишно), а кога ќе се обезбедат и приходите за војниците, треба да се издвојат уште 1,2 до 1,8 милијарди евра, кажа Вучиќ.
Како што оцени, „добра страна е што некои гарнизонски места што се празни ќе бидат пополнети и во некои помали општини животот ќе се врати “.
-Имаме проблем со оние кои имаат малку пониски плати и можат на друго место да добијат многу повисоки плати.
Сега имате, на пример, две фабрики во Лозница – Минт и Алиент. Ние на обичниот војник му даваме 45.000 динари, а просечната плата во тие фабрики е 51.000.
Зошто некој би бил во војска кога таму платата е многу поголема, кажа Вучиќ кој најави дека оваа година ќе има „големо зголемување“ на платите на припадниците на српската војска.
МИА