Прецизно не може да се каже колку време еден пациент се лекува од Ковид-19, но во просек околу 16 дена трае лекувањето на лице со средно тешка клиничка слика. Директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека лекувањето на пациентите со тешка клиничка слика трае мнгу подолго поради последиците што ги остава вирусот.
„Сите ние сме различни и различно реагираме на третманот, но различно реагираме и на инфекцијата и на која било друга болест.
Во просек околу 16 дена се лекува една средно тешка клиничка слика на Ковид, а тешките клинички слики се лекуваат многу подолго поради последиците што ги остава инфекцијата.
Не ретко нашите пациенти со тешка клиничка слика кои се лекуваат толку долго време, на крајот се многу порано пред нивното испишување или излекување, веќе станати Ковид негативни, но последиците од инфекцијата го прават своето и тие навистина бараат долго време за лекување“, рече Стевановиќ.
Посочи дека еден од сериозните ризици е и дебелината, која, како што рече, не се сфаќа сериозно кај нас.
„За жал, изгубивме млади, но и релативно млади луѓе. Најголем дел од нив со хронични болести, но една од сериозно високите ризици која, никој од нас се уште сериозно не ја сфаќа како болест или коморбилитет, е дебелината.
Луѓето кои имаат вишок килограми се навистина во сериозен ризик“, нагласи Стевановиќ.
Во однос на фреквенцијата на прием и испис на пациенти, Стевановиќ рече дека тоа е работа која не може да се предвиди. Потенцира дека максимално рационално се користи секој кревет којшто и е на располагање на Клиниката и оти редовно по исписот на пациентите, се прави задолжителна дезинфекција.
МИА/Фото: МИА