Во Кривичниот суд со испрашување на сведокот Роска Паческа, денеска започна рочиштето за случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Паческа работи како геодет и има изготвено мислење со забелешки за документацијата во предметот. Таа од почетокот на рочиштето одговара на прашања од одбраната.
Во исказот Паческа, посочи дека има забележано повеќе пропусти при градењето на објектот. Нагласи дека инвеститорот, оштетениот во случајот Фиат Цаноски, ја имал целата потребна документација за проектот, како што кажа, се до дозвола за градба.
Во текот на денешното рочиште за предметот за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ ќе биде испитуван и архитектот Мирослав Грчев.
На прашањето околу тоа како се бележи објектот и која е процедурата, Паческа посочи дека, повеќе геодетски фирми го извршиле одбележувањето, како и дека нивните мерења се совпаѓаат, но нагласи дека не биле изготвени извештаи од страна на геодетите.
Дополни дека во проектанта документација било наведено дека ќе се градат три подземни катови, но биле изградени само два, напомнувајќи дека тие не ги задоволуваат потребните паркинг места, како и дека не биле изградени со соодветна големина.
Паческа ги објасни сите пропусти во однос на градењето на објектот, што во целост не е граден според проектната документација.
За предметот „ТНТ“ меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(ВИДЕО) Како ќе изгледа: Цановски продолжува со изградбата на „Космос“