еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Светозар Јаневски ги обедини земјите од Западен Балкан во винска мрежа

Со потпишување на меморандум за соработка, денес во Скопје официјално е формирана Балканска винска мрежа. Иницијатор на новата регионална мрежа за соработка е здружението „Вина од Македонија“ и заедно со организациите: Центар за винска култура „Wine Q“ од Србија, здружението „Салон Жилавке“ од Босна и Херцеговина и Винската Академија на Црна Гора како партнери на проектот, како и други вински здруженија од земјите на Западен Балкан, го реализираат проектот „Виното како мост за поврзување на земјите од Западен Балкан”.

Новата мрежа за регионална соработка која ќе делува во доменот на поврзување и заедничка промоција на виното од балканските земји, денес ја одржа и својата прва регионална конференција на која беше усвоен акцискиот план на делување, што ќе започне да се реализира од почетокот на следната година. Вкупно 15 здруженија на вински производители, лозаропроизводители и сомелиери, потпишаа меморандум за соработка.

На конференцијата присуствуваа и претставници на професионални здруженија и асоцијации од неколку земји од регионот – Грција, Бугарија, Словенија, Хрватска и Романија, кои добија официјална покана да се приклучат кон мрежата со кои Балканската винска мрежа ќе соработува во иднина.

„Тргнувајќи од премисата дека заедно сме посилни ја формираме оваа мрежа која треба да помогне во одредување на стратешките правци за идниот одржлив развој на винската индустрија, лозарството и винскиот туризам во целиот регион, како и да нуди ефикасни решенија за надминување на законските и регулаторните бариери кои се појавуваат при пласманот на виното од нашиот регион, но и за надминување на проблемите околу заминувањето на младите луѓе и намалување на невработеноста во нашите држави“, вели Светозар Јаневски претседател на Управниот одбор на асоцијацијата „Вина од Македонија“.

„Една од главните задачи и мисија на Балканската винска мрежа е да ги промовира локалните автохтони вински сорти, како и вината што се произведуваат во нашиот регион, со што ќе придонесеме за тоа Балканот како вински регион да го добие вистинското место помеѓу останатите познати светски вински региони“, потенцираше Ненад Поповиќ, Директор на регионалната агенција за развој на Шумадија и Поморавје од Србија.

„Сите кои го потпишавме меморандумот за соработка, веруваме во поставените цели и дефинираните активности и се радуваме на понатамошната меѓусебна соработка и соработка со останатите земји од Балканот кои се веќе членки во Европската Унија”, изјави Даниела Радеч, директор на Винската Академија од Црна Гора.

„Со заеднички сили може да постигнеме многу за промоцијата на регионот. Ќе ја развиваме оваа идеја во периодот што следува, дојдовме до заеднички заклучок дека вината од Балканот се интересни за светската јавност, па така заедничкиот настап како регионална винска дестинација има многу подобра перспектива, отколку секој поединечно“, потенција Владимир Стојиќ, претседателот на Центарот за винска култура „Wine Q“ од Србија.

Формирањето и функционирањето на Балканската винска мрежа финансиски се поддржани од „Фондот за Западен Балкан“ (Western Balkan Fund), што е основан од Владите на Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, во рамките на напорите за унапредување на регионалната соработка и интеграцијата на земјите од регионот во Европската Унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Оргинални за Свети Трифун: Вработените во Тиквеш на чело со Свето ја изиграа Jerusalema

Редакција

Секоја чест: „Кнауф Радика“ донираше 800.000 денари за изградба на централен систем за кислородна инсталација во дебарската болница

Редакција

Штипскиот математички гениј Дамјан Давков ќе се натпреварува на Интернационалната математичка олимпијада

Редакција