еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Телевизиските сниматели во Македонија шофери на камиони

Без нив е невозможно да се прават вести на телевизија или да се сподели каква било информација, но тоа не значи дека тие го имаат заслужениот третман и по плата и по однос од менаџментот.

Снимателите, кои неодамна за прв пат во историјата добија посебна секција во рамките на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), велат дека нивните колеги поради ваквата состојба стануваат шофери на камиони.

“Немаме проблеми, задоволни сме од се’. Барем така викаат снимателите кога ќе ги прашаат во нивните телевизии. Некои телевизии ги бркаат добрите сниматели, кои потоа стануваат шофери на камиони во странство или ситни бирократи во нашава администрација, а на нивно место се вработуваат самонаречени сниматели кои директорите ги собрале од улица без ни еден ден знаење, а некои телевизии пренаменуваат работници од понизок профил за да им се оддолжат за работите кои ги направиле за нивните директори и газди.

Исто така, тешко е да дефинираме кој од луѓето што работат по телевизии се сниматели затоа што се самонаречени сниматели, без завршен факултет за камера или стаж на чирак кај некој од потврдените снимателски мајстори. За квалитетот никој не е заинтересиран.

Во моментов пет сниматели (веќе докажани) полагаат за Ц-категорија, за да бидат возачи на камион во некоја од западните земји. Тие се од три различни национални телевизии од топ пет во државата“, вели за еМагазин, Славе Стојановски, администратор на секцијата на сниматели при ЗНМ.

Снимателот Трајче Илиевски за еМагазин вели дека проблемите на снимателите од ден на ден се се’ побројни.

“Професијата се девалвира, а за тоа винатата ја имаат телевизиите, но и самите сниматели. Се изместија стандардите. Честопати потенцирам дека сликата и текстот не се на исто ниво, што значи јас, како снимател, и вие, како ТВ новинар, мора да функционираме како две тела, а еден дух за да добиеме реален и објективен производ.

Но, за жал, овој стандард не го почитуваат ниту сопствениците, ниту менаџерите во јавниот сервис.

Телевизијата, во принцип, е многу скапа играчка, а нашиот менталитет е ако помине, помине. Прво се судруваме со застарена техника, потоа нема никаков квалитет на самата фотографија. Условите за следење на дневните настани опаѓаат во самите институции.

На пример, настанот го организираат необучени кадри, па така се судруваме со пречки од типот на тесни сали и лоши тонски приклучоци, при што настанува голема гужва, затоа што освен националните телевизии, сега самите настани ги покриваат порталите, па така на еден позначаен настан може да се соберат и до 25 камери, односно сниматели.

За оваа прашање можам многу да кажам, но тоа што треба да се потенцира е дека треба многу обука во медиумите за да се врати професијата на нивото какво штобило од пред 20 до 30 години“, вели Илиевски.

ПРОСЕЧНА ПЛАТА 18 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ

Просечната плата на снимателите во Македонија е 18 илјади денари, а платите најчесто се движат од 15.000 до 24.000 илјади денари.

„Топ“ плата за нив, како што велат,е 25.000 денари, а “врв“ е платата од 35.000 денари, која ја зема шефот на снимателите во една од националните телевизии.

Според слободни проценки во Македонија има околу 250 сниматели.

ПРИРАЧНИК ЗА СНИМАТЕЛИТЕ

Неодамна за снимателите беше издаден “Прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите”.

“Во подготовката на овој Прирачник тргнавме, пред се’, од идејата да одговориме на некои од пречките, предизвиците, но и можностите кои ги создава професијата снимател, која неретко не се става во „преден план“ кога станува збор за медиумското известување.

Снимателите се секогаш најдобрите извори на настанот на кои присуствуваат, но тие неретко се наоѓаат и во незавидна положба, соочувајќи се со различни потешкотии и ограничувања“, вели за еМагазин, авторката на Прирачникот, Марина Тунева, која додава:

“Нивната работа е многу повеќе отколку само поставување камера и снимање. Професионалниот предизвик пред нив не се сведува само на тоа да проценат каде ќе започне и каде ќе заврши симката.

Одговорни се за сето она што се случува помеѓу првиот и последниот кадар, а од нив се очекува добро да ја познаваат природата на настанот, случувањето и субјектот, како и публиката за која е наменет резултатот од нивната работа. Но и да ги препознаат можностите на кои треба да се одговори брзо, професионално и во корист на општата јавност.

Освен тоа, од снимателите се очекува да бидат отпорни на секаков вид притисоци и влијанија насочени кон нарушување на нивниот професионален и личен интегритет, за што, пак, се очекува да имаат целосна поддршка од редакцијата за која работат.

Оттука, со подготовката на овој Прирачник, заедно со ко-авторката Маријана Марушиќ Кос, целта ни беше да понудиме насоки и препораки за професионална работа на снимателите, една корисна алатка во функционирањето на редакциите, како и запознавање на јавноста со улогите и одговорностите на оваа професија.

Во фокусот на овој Прирачник е работата на снимателите од аспект на универзално прифатените етички принципи за коректно, непристрасно и објективно работење, а се прави и осврт на националната законска рамка и одредбите што директно ја засегаат оваа професија.

Методолошки, во изработката на овој Прирачник се послуживме со анализа на различни документи и прописи, вклучувајќи различни етички кодекси, како и домашната законска рамка, а направени се интервјуа со сниматели од државата и меѓународни експерти во оваа област.

Прирачникот, во исто време, е замислен на начин да поттикне размислување и да послужи како рамка на правни и етички стандарди која во иднина ќе биде надградувана и надополнувана во согласност со очекувањата од оваа професија, нејзините предизвици и можности. Етичката рамка пропишува определени стандарди кои што се поврзани со известувањето на медиумот, но не е сеопфатна за да одговори на многу ситуации на кои наидуваат снимателите.

Оттука, во овој процес, од големо значење e координацијата со колегите, тимот во редакциите за коишто работат и уредниците со оглед на заедничкото влијание врз она за што ќе се известува. Она што е, сепак, најзначајно е да се подигне нивото на разбирање и свесност за околностите во кои се извршува оваа професија, на динамичното опкружување во кое што работат снимателите и на барањата и очекувањата од нив.

Очекуваме дека овој прирачник ќе поттикне дискусија и за проширување на етичкиот кодекс или креирање посебен етички кодекс за носителите на оваа професија, а снимателите да ги мотивира континуирано да работат на надградба на своите вештини за професионално справување со предизвиците на кои наидуваат“.

Илиевски вели дека Прирачникот е само почеток и е водилка во кој правец треба да се движат работите.

“Но се зависи од нас“, вели тој.

Смета дека и секцијата во ЗНМ може да помогне да се вратат стандардите за медиумските работници.

Фото: ССК

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Што видовме на вториот и третиот ден на Моден Викенд Скопје

Редакција

Сергеј Самсоненко и „Руле турс“ ја предлагаат Гордана Темелковска Костовска за член на НО на Стопанска банка Битола

Редакција

12-годишно дете претепано и премрзнато најдено на улица во Велес

Редакција