еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Тешко на семејствата со две минимални плати: Нема крај на животот на вересија

Семејствата кои живеат од една или две минимални плати и со најновото покачување на 14.500 денари што треба да стартува од декември повторно не ќе можат да ги подмират месечните трошоци за храна, пијалоци, комуналии односно домување, хигиена, облека…

Имено, вредноста на синдикалната кошница што ја објавува Сојузот на синдикатите на Македонија за септември, годинава изнесува 32.671 денар и во неа се вкучени најосновните неопходни месечни трошоци за живот.

Математиката покажува дека едно семејство со двајца вработени кои би земале две минимални плати би имале вкупни месечни приходи од 29.000 денари, што значи дека би им недостасувале точно 3.671 денар за да ги подмират основните месечни трошоци за живот.

За да преживеат најсиромашните семејства кои живеат од минималец повторно ќе треба да кратат на храна и пијалоци односно да се хранат нездраво, како и досега за да им останат доволно пари за сметките за комуналии и за останатите трошоци бидејќи во спротивно ќе си имаат работа со извршители.

Сега останува прашањето дали Владата до крајот на мандатот ќе го исполни ветувањето за минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари. Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека е оптимист по ова прашање.

„Ја поттикнуваме и спиралата на раст на платите и со владините мерки добиваме и покачување на просечната плата. Засега е покачена за 5,6 проценти на годишно ниво во 2018 година. Оваа година секој месец имаме покачување на просечната плата за истиот месец од претходната година. Тоа ни дава за право да бидеме оптимисти и да најавиме дека до крајот на мандатот ќе ги постигнеме целите за просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари, изјави вчера Заев“, кој заедно со економскиот владин тим го најави новото зголемување.

МОЖНО ЗАТВОРАЊЕ КОМПАНИИ

Трудоинтензивните дејности како текстилната и кожарската индустрија предупредуваат дека постои можност за затворање на помалите компании, кои не ќе можат да го издржат притисокот од покачувањето на минималната плата, но се надеваат дека работниците од овие компании ќе можат да се вработат во поголемите текстилни конфекции.

„Најголем притисок од порастот на минималната плата ќе имаат трудоинтензивните дејности. Мислам дека пазарот ќе успее да ги прифати вработените од евентуалните затворања на овие помали компании, кои не работат директно со клиенти, туку земаат работа преку втора-трета рака и оти овие вработени ќе се вработат во оние конфекции што ќе обезбедат поголема продуктивност, подобри услови за работа и почитување на работничките права“, рече вчера претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.

За Владата, со зголемувањето на минималната плата не се прави притисок врз компаниите, туку им се гарантира платата на најзагрозените категории вработени кои немаат алтернатива во делот на мобилноста поради својата возраст или други причини.

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА СЕПАК ПОСРЕДНО ЌЕ СЕ СУБВЕНЦИОНИРА

Како опција на располагање на компаниите што не ќе можат да ја исплатат загарантираната минимална плата им стои и Законот за субвенционирање плати, кој е во собраниска процедура и кој се очекува да стапи во сила во ноември.

„Минималната плата е загарантирана како 14.500 денари и таа стартува од декември. Мерката за субвенционирање на платите се однесува на покачување од минимум 600 до максиум 6.000 денари и државата го покрива придонесот за покачувањето. Ако покачат 2.000 денари во ноември со исплата во декември, тогаш тие ја покачиле минималната плата и ќе ги искористат субвенциите за покачување на платата.

Значи мерките се комплементарни една на друга, но тоа не значи дека сите ќе ја покачат минималната плата користејќи субвенција. Некој ќе ја покачи со субвенција, некој без субвенција, но во секој случај даваме опција бизнис-секторот кој не може да го издржи ова покачување, да може да ја искористи мерката за субвенционирање“, појасни вчера министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Минималната плата се зголемува на 14.500 денари

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од кандидат за прв премиер Албанец до народен правобранител: Кој е Насер Зибери

Редакција

До сега попишани 1.695.549 лица, 526.605 домаќинства и 752.916 станови

Редакција

Викендов во Вишни и во Охрид: Канонизација на светите Спаса и Спасе Вишенски

Редакција