Универзитетската професорка од Тетово, Рабије Мурати е избрана меѓу 100 жени со најголемо влијание во светот од страна на АЛЛ (АLL Ladies League) – мултинационално движење на Глобалното сестринство.
Таа е дел од групата наречена Г100 каде се именувани жени лидерки во различни сектори. На листата се и повеќе жени од Северна Македонија, а професорката Рабије Мурати е вклучена поради нејзините достигнувањата во сферата на науката.
Таа е доктор на педагошки науки, долгодишен редовен професор на Универзитетот во Тетово и продекан на Педагошкиот факултет.
– Идејата на ова меѓународно движење е како да се зајакнат жените на глобално ниво и се залагаме за еднакви права и можности на жените и мажите. Во оваа група членуваат жени кои се докажани во својата струка, во општеството, на научно ниво, итн.
Сакаме да ги поттикнеме жените да дојдат до израз и да дадат придонес во насока тоа што повеќе да се цени и вреднува жената. Ги охрабруваме сите жени да направат напор, секоја во својата бранша да создадат што поголеми капацитети.
Г100 е еминентна група на 100 жени лидери и посилни во свет со визија за да влијаат во иднина, изјави проф. д-р Рабије Мурати.
Проф. д-р Мурати е претседателка на регионалното седиште на АЛЛ за Полошкиот регион во секторот за комуникации и застапување.
МИА/Фото: Фејсбук/Мурати