Среќно заврши потрагата по тројцата моторџии кои вчера биле пријавени дека се изгубени на планината Плачковица, а нивните семејства не можеле да воспостостават телефонски контакти, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од ЦУК го пренесуваат известувањето од регионалниот ЦУК – Штип, дека преку единствениот повикувачки број за итни случаи е добиена информација за изгубени лица на планина Плачковица.
Тројцата моторџии биле со поголема група кои се упатиле од хотел „Бел камен“ – Радовиш кон село Зрновци. Последен контакт со нив е околу 19 часот, при што кажале дека се заглавени во некоја кал на неодредена локација.
– Во потрага биле вклучени 15-16 лица со мотори кои биле во нивната група, едно полициско возило од Полициската станица (ПС) Штип на правецот Туртел – одмаралиште Универзитет „Гоце Делчев“, едно полициско возило од село Зрновци кон Плачковица, околу 20-25 луѓе од поблиската фамилија на исчезнатите лица.
Истоврено, било контактирано со Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани, кои се организирале за пребарување. Биле известени и дежурните од ДЗС Скопје за превземање мерки во нивна надлежност, се вели во соопштението од ЦУК.
Регионалниот ЦУК Штип утринава извести дека од Планинарска служба Осогово со четири лица и едно теренско возило во 5.00 часот излегле на терен и пребарувале на релацијата Видовиште -Латал – Бел Камен.
Според последните информации добиено од РЦУК Штип, едното од изгубените лица во 06:58 часот воспоставило контакт со член на фамилија и известил дека трите лица со моторите се заглавени во кал, па ноќта ја поминале на планината Плачковица и дека се во добра здравствена состојба.