Бројни фабрики и компании низ светот се адаптираат на новонастанатите услови за водење на бизнис во време на пандемија со коронавирусот, па почнуваат со производство на производи кои порано не ги правеле, а кои моментално се бараат на пазарот.
Убава и паметна вест во тој правец ни стигна од Гостивар, каде деновиве во компанијата „Универзал“ беше произведен првиот „хигиенски тунел“ (sanitary gate) во кој се спроведува дезинфекција при влез во објект во кој има поголема посетеност.
Првиот примерок компанијата го донираше на Општината Гостивар и тој е веќе монтиран на влезот од зградата на Општината.
Оваа фирма се занимава со производство на угостителска и медицинска опрема и моментално е единствена во Македонија која почна да произведува вакви тунели.
Ерзен Несими, проектант во „Универзал“ за еМагазин вели дека идејата за овој производ ја добиле од Италија.
“Пред да се влезе во објектот се поминува низ зона во која соодветен диспанзер распрскува препарат и на тој начин ја дезинфицира облеката.
Веќе има голем интерес за овој производ, а во компанијата веќе разгледуваме и идеи за други производи, кои моментално се бараат на пазарот поради пандемијата“, вели Несими, кој посочува дека компаниите мора да се адаптираат на новите услови и барањата на пазарот.
„Поради пандемијата, бројот на нарачките од угостителските објекти, кои ни се едни од главните клиенти поради нашата основна дејност, почна постепено да се намалува. Како што е познато тие поради “корона кризата“ први беа затворени.
Откако увидовме дека има интерес за ваков производ од бројни објекти одлучивме да вложиме повеќе труд во овој правец, за добиеме нов прилив на средства“, вели Несими.
Како изгледа тунелот погледнете во видеото: