еМагазин
Image default
Интервју

Усаинова: Македонија е единствена земја на Балканот со силен ромски граѓански сектор

Повеќе од 18 месеци, Ромскиот Ресурсен центар и Центарот за семејно и детско згрижување го реализираат овој проект, кој е познат и како „Заедно за инклузивно општество “.

Според Фатош Усаинова, менаџер на проектот “Градење на посилно граѓанско општество за поттикнување на напорите за унапредување на образовната инклузија на Ромите“  овој проект претставува успешна соработка меѓу Ромскиот ресурсен центар од Скопје и Центарот за семејно и детско згрижување КМОП од Атина.

„Се работи за проект кој има цел да создаде соодветна граѓанска средина за успешна инклузија на децата Роми во редовното образование. Станува збор за активности кои целат кон унапредување на соработка меѓу локалните, националните институции и граѓанскиот сектор за креирење и промовирање на успешни модели на инклузивно образование.

Во иднина очекуваме тие да бидат препознаени од инситуциите и да бидат применети за децата Роми успешно и целосно да се вклучат во редовниот образовен процес. Но, исто така, овој проект предвидува и јакнење на капацитетите на невладините организации и институциите“, вели Усаинова во интервју за „еМагазин“

Јавноста постојано слуша за терминот „интеграција на Ромите“, но Вие говорите за инклузија. Во што се разикуваат овие процеси?

-Многупати овие два термини се мешаат, односно се мисли дека имаат исто значење. Меѓутоа, ако се навлезе подлабоко во суштинското значење на овие два збора, ќе сфатиме дека означуваат два различни општествени процеси.

Инклузијата бара повисок степен на почитување на потребите на поединците.Тие да се третираат како целосно рамноправни учесници во општествените процеси во кои се обезбедува постојана индивидуална помош во ситуации кога тоа е потребно.

За разлика од интеграцијата, каде акцентот е ставен на статусот на поединецот, инклузијата првенствено е врзана за процесот. Таа, на прво место, ги нагласува различните потенцијали за развој, а помалку недостатоците. Инклузивниот пристап повикува на вклучување на сите учесници (групен напор) за истовремено решавање на индивидуалните потреби на секој поединец за негово успешно влучување во општеството.

Доколку се зборува за интеграција и инклузија на Ромите во образованието, со сигурност може да се каже дека Македонија, сé уште, е во процес на интеграција, но не и инклузија. Инклузивното образование подразбира вклучување на сите ученици без разлика на пол, националност, вероисповест, а притоа излегувајќи во пресрет на сите индивидуални потреби и проблеми.

Образовниот систем во Македонија треба да се фокусира на потенцијалите на учениците, да ги препознае и да ги промовира во иднина, а истовремено да работи на недостатоците на секој ученик. Секое дете може да напредува во својот развој во согласност со своите способности и активно да учествува во општествениот живот. Успешното вклучување значи дека сите децата се активно вклучени во образовните активности.

Преку проектот, 11 граѓански организации реализираат мини-грантови на различни проекти. Што е крајната цел и што ќе се постигне со нивната реализација?

– Преку грантовата шема, развиена за потребите на овој проект, доделени се 11 грантови на локални невладини организации во 9 општини во Македонија кои работат и делуваат во делот на образование на Роми.

Преку тие мали грантови се креирани и промовирани модели за успешно вклучување на децата Роми кои не одат во училиште поради различни причини. Тие мали проекти опфаќаат низа активности како што се активна соработка со локалните самоуправи и училиштата, како и со различни целни групи на деца Роми кои имаат цел да ги вклучат во редовниот образовен процес.

Може ли во Македонија да се говори за активно граѓанско општество во глобала? Каква е состојбата и со ромските граѓански организации?

– Македонија е земја со релативно голем број граѓански организации кои активно делуваат и работат на различни полиња, а тоа многу кажува за состојбата во која се наоѓа една држава. Граѓанските организации сé многу потребни, бидејќи се линкот меѓу инстуциите и заедницата.

Слободно може да се пофалиме дека Македонија е единствената земја на Балканот со таков силен ромски граѓански сектор. Има голем број ромски невладини организации кои активно работат и придонесуваат со својата работа за унапредување на оптштата состојба на ромската заедница и навистина, ме радува фактот што институциите се отворени за соработка. Меѓутоа, таа соработка треба да премине на повисоко ниво.

Институциите треба да гледаат на невладините организации како извор на информации од терен за проблемите со кои се сочува ромската заедница, да ги препознаат и превземат позитивините модели кои невладините организации ги имплементираат преку проекти. Сé уште има простор за унапредување на таа соработка и секако ние сме оптимисти во тој поглед.

Кои треба да бидат финалните резултати по завршување на проектот и што потоа?

– По завршување на проектот очекуваме дa ги унапредиме постоечките капацитети на невладините организации – корисници на мали грантови. Тие да бидат подготвени и да аплицираат на поголеми и посериозни проекти финансирани од ИПА инструменотот.

Исто така очекуваме дека спроведените активности ќе резултираат со позитивни резултати односно, дел од децата Роми кои не се се вклучени во редовно образование да седнат во училишните клупи од септември. Преку овој проект ќе се зајакне соработката помеѓу институциите и граѓанскиот сектор во насока на поголема инклузија на Ромите во образованието, а со тоа и на пазарот на труд на подолг рок.

Согласно нашите анализи, воочената ситуација од терен и добиените препораки за унапредување на инклузивното образование на Ромите, проектниот тим активно работи на застапување и лобирање кај клучните институции за прифаќање на дел од препораките за изнаоѓање целосно и одржливо решавање на проблемот со невклученоста на ромските деца во редовниот образовен процес, како и спречување на напуштањето на процесот на едукација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Стојчевски: Служете и на каузата на мирот и на хуманоста

Редакција

Дора Попова Узунoвски: Читателите не се само обична публика од која треба да се земе восхитот и нивното обожавање

Редакција

(Галерија) Пантелис Григори: Trip to sail е уникатна платформа за вашиот одмор да едрите во Грција

Редакција