На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија успешно е направена реплантација на десна подлактица.
„Утрово на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија го посетив 54-годишниот Џафер Алија, на кој му беше реплантирана десната рака. Пред месец ипол Џафер се самоповредил, си ја отсекол десната подлактица, работејќи со моторна пила и на Клиниката бил примен во тешка состојба.
Сега пациентот се чуствува добро, неизмерна е неговата радост што десната рака повторно може да ја користи.
Ваков вид операција на Клиниката нема направено изминативе триесетина години, за успехот им честитам на моите колеги лекари и целиот медицински тим,“ напиша министерот за здравство Венко Филипче на неговиот Фејсбук-профил.
Оваа комплексна интервенција била изведена од тим на стручни хирурзи и анестезиолози од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија: доц. д-р Софија Пејкова, д-р Бисера Николовска, д-р Гордана Георгиева, Од Универзитетската клиника за кардиохиругија: д-р Мишел Андов, од Универзитетската клиника за трауматологија д-р Игор Мерџановски, од Универзитетската клиника за анестезија реанимација и интензивно лекување д-р Јасна Бушиноска.
Тимот бил во постојана комуникација со проф. д-р Оскар Азман, пластичен хирург од Медицинскиот универзитет во Виена и визитинг професор на Медицински факултет во Скопје.
Реплантацијата на горен екстремитет е една од најкомплексните хируршки интервенции која вклучува остеосинтеза на коските, реваскуларизација-анастомиоза на артерии и на вени, реконструкција на нервите и на мускуло-тетивниот апарат и реконструкција на мекоткивната покривка.
Фото: Фејсбук/Филипче