еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Уставен суд одлучи во корист на работниците, го укина членот 12 од Законот за номинирање стратешки партнер

Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021).

Во членот 12 меѓу другото е предвидено дека „работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”.

Уставниот суд донесе одлука за укинување на оспорениот член, бидејќи, како што се наведува во соопштението од Судот, тоа е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во  спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.

Подносители на иницијативите се Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Синдикатот за градежништво,индустрија и проектирање (СГИПРМ) и Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ од Штип. 

ССМ: Уставен суд одлучи во корист на работниците

Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10, со кој меѓу другото беше предвидено дека работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината, информираат од ССМ.

Оваа одлука Уставниот суд ја донесе врз основа на иницијативата поднесена на 28 декември 2021 година од Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво,индустрија и проектирање, кој функционира во составот на ССМ.

-Влада на Република Северна Македонија, градежните работници сакаше да ги направи робови, а Министерство за труд и социјална политика го дозволи тоа без ова решение да се разгледува на Економско социјалниот совет.

ССМ брзо и ефикасно реагираше со поднесување на иницијатива која беше прифатена и спорниот член од законот е укинат од Уставниот суд со што неправдата врз работниците е исправена, велат од ССМ.

Оттаму укажуваат дека ќе продолжат со своите активности за целосно почитување на работничките права и во таа насока ССМ ќе ги преземе и сите законски постапки за да се постигне законско усогласување на платите на вработените во јавниот сектор со порастот на минималната плата .

-Нема да може да градите политика на грбот на работниците, така било и така и ќе остане. Ве потсетуваме дека не е добро да сте на спротивната страна од работниците. Заради погубните политики, 138.000 работници ви се на генерален штрајк. Работничката борба продолжува, и порачаа од ССМ на Владата.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Украина: Преговорите се тешки, руската страна е крајно пристрасна

Редакција

Димитриос Раптис отповикан од позицијата член на Управниот одбор на Жито Лукс

Редакција

Учениците од оваа година ќе може да се запишуваат електронски во средните училишта

Редакција