еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Утре се конституира Собранието: Превирања во ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ веќе договорени?

Утре со почеток во 12 часот во собраниската сала „Голема купола“ треба да се одржи конститутивната седница на новиот парламентарен состав.

Главното прашање сега е кој ќе успее да обезбеди ново парламентарно мнозинство од 61 пратеник и ќе бара од претседателот на државата Стево Пендаровски мандат да формира нова Влада.

На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15. месецов, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата АА и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев по завршувањето на изборите замина на одмор и најави преговори за формирање Влада по Илинденските празници.

Но, во јавноста се шпекулираше дека СДСМ и ДУИ веќе нашле заеднички јазик околу барањето на ДУИ за прв пат премиер Албанец да застане на чело на Владата и дека заедно со ДПА ќе го формираат костурот на мнозинството потребно за нова Влада.

Од друга страна, во ВМРО-ДПМНЕ и за време на празниците имаше отворени превирања и барања за оставка на Христијан Мицкоски од лидерското место, како и најави за „преземање“ на партијата. На ваквите барања тој отворено ги обвини поранешните раководни лица во партијата за „политички јаничари“ кои што во партијата гледаат механизам за лично богатење.

Од ВМРО-ДПМНЕ и Левица во меѓувреме обвинија дека во Македонија има отворен пазар за пратеници односно дека има обиди за поткупување за да се формира парламентарно мнозинство.

Очигледно е дека сите карти се отворени до последен момент, но и дека повеќе нервоза во пресрет на утрешната конститутивна седница може да се почувствува кај ВМРО-ДПМНЕ.

Според процедурите до 14 август би требало да завршат преговорите за ново парламентарно мнозинство по што по давање мандат од страна на претседателот Пендаровски би почнал да тече рокот од 20 дена за формирање Влада.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вкупно 298 импортирани случаи на Ковид-19 во Македонија

Редакција

Атиџе од „Медена земја„ стана пејачка

Редакција

Сведоштво на пациентка заболена од корона вирусот: Вечно сум благодарна што ми го спасија животот

Редакција