Активностите во вежбата “Одлучен удар 21“, која се одржа во втората половина од месец мај на Криволак, не предизвикаа загадување на животната средина – покажа анализата на универзитетската лабораторија АМБИКОН, со која Министерството за одбрана воспостави редовна соработка за мониторирање на влијанието на вежбовните активности на Криволак на животната средина, информираат денеска од Министерството за одбрана (МО).
Со цел да се анализира квалитетот на амбиентниот воздух од аспект на концентрација на суспендирани цврсти честички во пошироката зона на полигонот Криволак, во директна соработка со Министерството за одбрана, од страна на универзитетската лабораторија АМБИКОН (акредитирана согласно ISO 17025), во периодот од 14.05.2021 до 01.06.2021, беше воспоставена индикативна мониторинг мрежа во пошироката зона на полигонот Криволак.
– Добиените резултати потврдуваат дека во текот на вежбовните активности, концентрациите на суспендирани честички, на двете мониторирани локации, не ги надминаа просечните 24 часовни вредности пропишани за заштита на човековото здравје.
Измерените просечни вредности се движат во дијапазон од 1 до 11 µg/m3, што е значително пониско од дозволените вредности ( 50 µg/m3) и типично за рурално подрачје со ниски позадински концентрации.
Во хемискиот состав на суспендираните честички доминираат литогени елементи(Ca, Fe и Mg), вообичаени за ваков вид на прашина, кој во основа го одразува геолошкиот состав на подрачјето на генерирање.
Појавите на останатите анализирани елементи (Mn, Ni, As, Sb, S и Cl)во трагови и нивните мали концентрации, исто така одговараат на геолошката подлога, што индицира нивно природно, а не антропогено потекло. Содржината на ниту еден елемент не ги надминува препорачаните вредности за заштита на човековото здравје, стои во анализата, се вели во соопштението од МО.
Министерството за одбрана, се вели во соопштението, обрнува исклучително влијание на превенција и контрола на влијанието на животната средина при изведувањето на вежбите на Криволак, особено кога се работи за големи НАТО вежби со присуство на поголем број на војници. Северна Македонија како членка на НАТО го споделува ставот за безбедносните импликации на нарушувањето на квалитетот на животната средина и ги презема сите мерки вежбовните активности да не го нарушат квалитетот на околината на полигонот Криволак, велат од Министерството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МО