Филмот „Сараевско сафари“ на словенечкиот режисер Миран Зупанич зборува за шокантна, помалку позната појава во времето на опсадата на Сараево, наречена „лов на луѓе“.
Имено, постојат сведочења од војната, за кои говори и овој филм, според кои богати странци, претежно од западните земји, доаѓале во околината на Сараево, на позициите што ги држале босанските Срби и војската на Република Српска и од таму им било дозволувано, за одредена парична надокнада, да пукаат со снајпери во невооружените сараевски цивили.
Режисерот Зупанич во интервју за Алџезира Балканс открива дека почетна станица на овие „авантуристи“ бил Белград, од каде со хеликоптер или со автомобил биле превезувани до Пале. Не е познато колку такви „туристи“ допатувале во Босна, ниту се знае колку луѓе убиле.
– Овој феномен и натаму е обвиткан со превез на тајна, а ние успеавме колку толку да го оттргнеме. За негова реализација бил потребен цел синџир на луѓе, почнувајќи од тие што ги нуделе тие „аранжмани“, па до тие што се грижеле за логистика и за организација на терен, вели Зупанич.
Филмската екипа со години барала и нашла луѓе кои биле подготвени пред камери да сведочат за феноменот „сараевско сафари“, но имало и такви кои одбивале, а некои прво се согласиле, а подоцна се предомислиле. Стравот, вели Зупанич, и после 30 години, уште е присутен.
Според сведоците, имало луѓе од Америка, Канада, Русија, Италија, кои биле доволно моќни да платат високи суми, кои не се наведуваат конкретно.
Според режисерот, ова е првпат таа страотна приказна да се отвори во јавноста, а тој наишол на информации дека постоењето на оваа срамна „туристичка“ дејност им била позната на странските разузнавачки служби, но тие не презеле ништо да ја спречат.
Фото/видео: Промо