еМагазин
Image default
Забава

(ВИДЕО) Емотивен настап на Елена Ристеска: Крушево го одбележа 38. роденден на Тоше

Крушево и многу фанови од земјава и целиот Балкан, денеска на Гумење го одбележаа 38. роденден на Тоше Проески, омилената и една од најголемите музички ѕвезди, но и човекот со големо срце кој ги сакаше сите.

Меѓу најблиските, фановите, кои на тошевото вечно почивалиште, каде почнаа одбележувањата во чест на споменот на Тоше и ја поделија роденденската торта, имаше измешани емоции.

Елеонора Василева од Бугарија рече дека традиционално, со љубов, на овој ден, носат роденденска торта.

– Ова за мене е празник затоа што се роди нашата ѕвезда која ни остави големо наследство од кое секој ден учиме, така ќе биде во иднина. Оваа торта е направена со голема љубов, емотивно порача Василева.

Дарја Илиш од Словенија вели дека е и тажно и радосно.

– Се мешаат тагата и радоста. Дојдов пак да го исполнам заветот. Тоше беше љубов. Неговите дела со големо срце треба да ги следиме, вели Илич.

Чичкото на Тоше Анастас Проески вели дека годините тажно поминуваат, но оти сите ќе се сеќаваат на Тоше.

– Поминаа единаесет и пол години кога загина, а денес требаше да наполни 38 години. Но, сите ќе се сеќаваат на него, па и генерациите кои потоа се родија ќе ги пеат неговите песни, вели Проески.

Во Спомен – куќата на Тоше, учениците од крушевското училиште „Наум Наумоски – Борче“ читаа извадоци од негови песни, се пееја песните на Тоше, а ракотворци од Битола ја правеа Спомен – куќата од срма и монистра. Голем беше интересот за дарување крв на традиционалната крводарителска акција.

Што се однесува до музичкото наследство на Тоше Проески, Директорот на Фондацијата која го носи неговото име Андреј Николоски, нагласи дека има уште материјал за обработка.

– Во неговото студио во Скопје има уште музички материјал на Тоше. На концертот, есента, имавме промоции на три песни и два спота, но со напредната технологија се надевам во иднина ќе се обработи останатиот музички материјал и ќе ја види светлината на денот, рече Николоски.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски вели дека Крушево потпиша меморандум за културна и друга соработка со Нова Градишка од Хрватска, каде Тоше на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа го загуби животот, и со општината Карпош каде живееше.

Додаде дека интензивно се работи да почне изградбата и уредувањето на неговото гробно место на Гумење и како што вели, работите се очекува да почнат на летоска. Признава дека работите се забавија поради бирократски и правни разрешници.

Пејачката и пријателка на Тоше, Елена Ристеска испеа две песни на Тоше. Вели дека секогаш на концерти пее негови песни, а тоа треба да го прават и сите професионални колеги. Таа вели дека за да го зачуваме споменот на Тоше, треба институциите да го носат неговото име. Таа сака неговото име да го носи Универзална сала.

– Потребни се многу емисии, не само на овие денови, а мојот предлог останува Универзална сала да го носи името на Тоше. Тој тоа го заслужува. И други објекти да се именуваат по него. Ова е еден од начините да се зачува сето дело што тој го остави, вели Ристеска.

Крушево уште од изутрината осамна со снег кој врнеше во текот на поголемиот дел од денот. Но, тоа не ги спречи неговите поддржувачи од земјава и странство, на овој ден да бидат на местата каде е најсилен споменот за него.

Спомен – куќата на Гумење за седум и пол години ја посетиле над 650.000 гости од кои 30 насто од странство. Во Музејот над 350 експонати се врзани за Тоше Проески.

МИА/Фото/видео: Општина Крушево

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Петочки Midday Madness забава со KiNK од 17 часот во „Three Kitchen & Bar“

Редакција

(Видео) Како изгледаше првата проба на македонската преставничка на Евровизија

Редакција

Мадона наполни 60 години

Редакција