Здравствените работници и го свртеа грбот, а стотици граѓани од Нови Пазар ја исвиркаа премиерката Ана Брнабиќ која заедно со српскиот министер за здравство Златибор Лончар го посетија градот кој е ново жариште на корона вирусот поради што повторно е воведен полициски час.
Граѓаните тврдат дека се кријат бројките и дека бројот на починатите е многу поголем отколку што се прикажува.
Според официјалните податоци, во последните 24 часа во Србија се регистрирани уште 276 лица заразени со Ковид-19, а три лица починале, со што вкупниот број на жртви е зголемен на 277. Но, во Србија не се објавуваат податоци по градови.
Инаку, пораст на бројот на заболени има и во Врање и другите погранични места што ја доведува во опасност и Македонија откако границите се отворени без контрола на заразени лица.
Фото/Видео: Alo.rs/Youtube/Svet na dlanu